СООПШТЕНИЕ - 15.05.2018 во 15:17





Модернизација, прилагодување кон европската регулатива, и поголема апсорпција на средствата од ИПАРД програмите. Ова се заклучоците од првата Бизнис конференција на тема „Менаџирање и искористување на Еу фондовите.“ . По добивањето на безусловната препорака од Европската комисија, за отпочнување на преговорите за влез во Европската унија, повеќе од било кога како држава треба да работиме на исполнување на препораките од Европската Унија во делот на земјоделството. Затоа како што рече директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој Николче Бабовски, Македонија мора да се фокусира на правење конкурентен, квалитетен производ кој ќе овозможи преработувачката индустрија да повлече што поголем дел од предвидените 80 милиони евра. Според Бабовски, најдобар доказ за тоа се и големиот број на апликации.

- Интересот е голем и кај земјоделците и кај преработувачката индустрија, а тоа го потврдува и бројот на апликации кои на првиот повик од ИПАРД 2 достигна 1.648. Ќе направиме се за максимално да ги искористиме средствата од ЕУ,- рече директорот на АФПЗРР Николче Бабовски.
Во обраќањето на конференцијата Бабовски потсети дека изминатите години Македонија искористи незначителни 17 отсто од расположливите средства.

Слабата екипираност, недоволната информираност и едукација на земјоделците беа клучните причини за слабото искористување на европските пари. Новата Влада го препозна ова и веднаш се зафати со надминување на слабостите, подвлече Бабовски додавајќи дека на македонскиот аграр му е неопходно модернизирање со паралелно прилагодување кон европската регулатива.

Според словенечкиот амбасадор Милан Јазбец, не е лесно да се дојде до европските пари затоа што процедурите се комплексни, бирократски и комплицирани. Оттука, е неопходно конкретно знаење, но и конкретна помош на терен.

Идниот месец во Македонија ќе дојде словенечки тим кој ќе ги пренесе нашите искуства, ќе овозможи ноу-хау кој и е потребен на Македонија за ефикасно искористување на ЕУ фондовите- рече Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија во Македонија.

Бабовски, дообјасни дека веќе се поедноставуваат процедурите и апликациите кои ги пополнуваат земјоделците, а се со цел да се искористат што поголем дел од предвидените средства. Јазбец апелираше и општините сите свои капацитети да ги насочат кон повлекување на ИПАРД средствата. Тој вели дека Програмата овозможува да се добијат мали проекти од 10.000 до 50 илјади евра кои многу ќе помогнат во развој и унапредување на „Единиците на локалната самоуправа“. Македонија до 2020 година има на располагање вкупно 80 милиони евра за земјоделството од кои 60 милиони европски пари и 20 милиони од Националната програма.





 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu