СООПШТЕНИЕ - 19.05.2018 во 20:55




Премиерот Зоран Заев, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, одржаа работен состанок, а направија и обиколка на локацијата каде се гради новата  компанијата „Подгорка“ од Струга. 
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, рече дека вкупната инвестиција е 5 милиони евра. Половина од средствата се обезбедени од ИПАРД.
„Компанијата „Подгорка“ е инвестиција која преку ИПАРД II повлече најмногу средства досега. 2 милиони и 250 илјади  евра се одобрени од финансиската поддршка. Од нив 1милион и 687 илјади евра се обезбедени од Еу,  и 562 илјади евра од Нациналното кофинансирање. Со оваа инвестиција, уште еднаш докажуваме дека Македонија има потенцијал за да повлече и да искористи што поголем дел од средствата предвидени со ИПАРД програмите.“- рече Николче Бабовски – директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството.
Премиерот Заев, вели дека ваквите инвестиции треба да бидат мотив и за другите домашни инвеститори да аплицираат за добивање на средства од ИПАРД програмите. 
„ Охрабруваат ваквите решителни инвестициски чекори на домашна компанија којашто успеа со квалитетен проект да добие европски средства од ИПАРД програмата. Посебно радува што станува збор за домашна компанија којашто ќе отвори нови работни места и ќе донесе нова вредност во нашата економија. Ве охрабрувам и понатаму да влегувате во нови инвестиции, Владата и институциите се ваш партнер во создавањето поволни услови за раст и развој на вашите бизниси“, порача премиерот Заев.
Сопственикот Џемајловски изрази огромна благодарност до вработените во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и до државните институции кои брзо и навремено помогнале во процесот на подготовка и комплетирање на потребната документација во процесот на аплицирање за добивање на средства од ИПАРД II програмата. 
„Институциите ја препознаа и разбраа економската важност на нашата инвестиција. Објектот ќе биде изграден според стандардите за енергетска ефикасност, а
производствениот процес во фабриката ќе се одвива според најмодерни европски стандарди. Нашата цел е да ги отвориме регионалните пазари и да извезуваме во соседните земји“, соопшти сопственикот на „Подгорка“.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, рече дека со вакви енергетски ефикасни проекти, компанијата освен што ќе штеди на енергија, со намалени трошоци ќе биде и поконкурентна.  
„Целта е да се реализираат што е можно повеќе успешни домашни инвестиции. На компаниите им стојат на располагање и мерките од Планот за економски раст кој поддржува нови инвестиции и раст на конкурентноста“, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на крајот од владината посета на фабриката во изградба „Подгорка“.
Компанијата „Подгорка“ ќе се занимава со производство, обработка, расекување и пакување на месо по најсовремени стандарди. До крајот на 2019 – та година, оваа домашно претрпријатие ќе обезбеди 80 работни места, што ќе биде дополнителен стимул на домашната економија и намалување на невработеноста во Струга.


 



 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu