СООПШТЕНИЕ - 18.06.2018 во 07:40



Поттикннуваме поголема искористеност на средства од ИПАРД програмата


Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, денеска присуствува на отворањето на новата производствена линија за мрзнење на овошје и зеленчук на фабриката за преработка на овошје и зеленчук „Ксенос“, во Демир Хисар.
Новата производствена линија на оваа компанија е изградена со кофинансирање, односно со повлекување на средства од ИПАРД 2 Програмата.

„Вкупната инвестиција е над 900.000 евра , од кои 470.000 евра се сопствена инвестиција, а 430.000 евра се обезбедени од ИПАРД II програмата, преку мерката Инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи. Со оваа, но и со претходните проекти кои добија средства преку ИПАРД програмите полека, но, сигурно се унапредува домашното стопанство, а со тоа им се овозможува на претпријатијата да отвораат нови работни места, да отвораат нови пазари, но, и да го зголемат сопственото производство.- рече Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Министерот Николовски, вели дека радува фактот што домашните бизнисмени се охрабруваат да отвораат инвестиции кои се значајни за агро – секторот, особено што при унапредувањето на нивните капацитети ги користат европските средства кои им се на располагање преку ИПАРД програмата.

„Преку вакви производствени капацитети овозможуваме да се зголемува откупот на земјоделските производи, добиваме производи со додадена вредност, се зголемува извозот на земјоделско-прехранбени производи и истовремено се отвораат нови работни места. Ова е и целта на политиките на Владата на Република Македонија и мерките кои што ги преземаме во овој период“, изјави министерот Николовски.

„Ксенос“ е компанија која 25 години работи во областа на мрзнење на вишни, пиперки и сливи, сушење и пакување на шумски печурки и за преработка на овошни производи за чоколадна индустрија, како и за производство на овошен алкохол. Дури 90 отсто од производство се извезува на европските пазари.

МЗШВ и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, постојано работат на јакнење на административните капацитети во процесите на подготовка и евалуација на потребната документација при аплицирањето за средства од ИПАРД фондовите . Оваа година ќе бидат објавени нови повици на кои индивидуалните земјоделци и агрокомпаниите, ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка. Заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се преземаат мерки за создавање на поволни услови и полесни административни процедури за потенцијалните корисници и се надеваме на што поголема искористеност на европските фондови, а целта е да се зголеми портфолиото на мерки кои ќе бидат финансирани со ЕУ фондови и ќе бидат достапни до македонските земјоделци и агробизнисмени, со што ќе се унапредат домашните капацитети.





 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu