Исплатени 3 милиони евра за поддршка на младите земјоделци, Владината мерка дава резултати - 25.10.2018 во 15:15






Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, беа во посета на млади земјоделци од с. Оризари, кои ги искористиле средствата од мерката „Млад земјоделец“. Николовски и Бабовски, на терен се уверија во успешноста на мерката „Млад земјоделец“ за која има голем интерес кај младите кои започнуваат сопствен агро бизнис. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, истакна дека согласно критериумите, предност на повикот имаат младите кои повеќе од две години се невработени.

„Приоритет даваме на младите земјоделци, на оние каде има отежнати услови за стопанисување, а предност имаат и оние земјоделски стопанства каде управители се жени, односно за сите овие категории има дополнитени бодови. По посетата верувам дека овие средства навистина одат во прави раце. Со тоа ги задржуваме младите во руралните подрачја, им даваме нова можност и нова шанса за отпочнување сопствен бизнис, или проширување на постојниот. Со помош на овие Мерки, се трудиме да ја намалиме невработеноста и парите кои ги нудиме преку овие Програми да дојдат во рацете на вистинските земјоделци. – истакна Бабовски

Министерот Николовски, истакна дека минатата година преку програмата „Млад земјоделец“ беа склучени 424 договори од кои веќе 313 се реализирани и за нив на сметките на земјоделците се вратени три милиони евра. Преку овие Програми, како што рече Николовски, се поттикнуваат младите да развиваат бизнис и во руралните средини и да ги осовременуваат семејните фарми.

„Нашата цел е младите да ги поттикнеме да почнат свој бизнис и да ги задржиме тука. Интересот за оваа мерка расте и оваа година имаме 1045 апликации, речиси двојно повеќе од лани. Со ова остануваме на заложбата да ги вратиме парите кај граѓаните. Ова не го правиме само преку субвенции туку преку развојни проекти со кои го стимулираме развојот на агро бизнисот во земјата“ – истакна министерот Николовски.

Фамилијата Лековиќ има искористено средства од програмите за „Млад земјоделец“, но, и од „ИПАРД програмата“. Елзин Лековиќ вели дека со помош на механизација која ја купиле со средства од Програмата „Млад земјоделец“ им се скратило времето кое го трошат на обработка на површините.

„Со сточарство и земјоделство се заминаваме подолг период и сме многу задоволни од сите поддршки и програми од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, и посебно од Платежната агенција. Со новата механизација која ја добивме преку програмата „Млад земјоделец“ сме порентабилни и побрзо ги обработуваме површините. “, изјави Елзин Лековиќ.
Со новите критериуми на повикот се обезбедува средствата кои се нудат и преку Националната и преку ИПАРД програмата да стигнат до вистинските земјоделци.





 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu