СООПШТЕНИЕ - 26.12.2018 во 15:35





Објавен нов Јавен повик од ИПАРД 2, за модерно и конкурентно земјоделско производство



Денеска започна кампањата за информирање и едукација за ИПАРД фондовите, со првата работилница на тема „Користење на средства од Инструментот за претпристапна помош на Европската унија за рурален развој - ИПАРД 2014 – 2020“.

Во рамки на работилницата министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Платежната Агенција, Николче Бабовски го најавија новиот Јавен повик за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објавен денеска. Се работи за мерката „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2 Програмата која овозможува неповратна финансиска поддршка во износ од 60 до 70 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.

„Овој повик овозможува земјоделските стопанства широк спектар на инвестции во примарното земјоделско и сточарско производство, вклучително и инфраструктурни зафати. ИПАРД програмите се од исклучителна важност за развојот на македонското земјоделство и вклучуваат мерки кои директно им помагаат на нашите земјоделци. Затоа, со предлог Буџетот за 2019 година го зголемивме националното кофинансирање за ИПАРД од 60 милиони денари за 151 милиони денари“, изјави Николовски.

Од средствата кои ќе бидат кофинансирани, 75 отсто ќе бидат обезбедени од ИПАРД Програмата, а 25 отсто од средствата од Буџетот на Република Македонија. Вкупната финансиска поддршка за овој јавен повик е близу 12 милиони евра. Крајниот рок за поднесување на барањата е 09 февруари 2019 година.

„Со оваа мерка ќе може да се градат или реконструираат објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжери капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи. Исто така може да се набавуваат и машини и опрема за земјоделство, системи капка по капка, но, не и трактори, затоа што Буџетот за оваа намена е искористен со претходниот Повик. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој Јавен Повик изнесува 11 милиони 883 илјади евра“, изјави Бабовски.

На настанот се дискутираше за деталите за објавениот јавен повик за мерката Инвестиции во физички средства за преработка и маркетинг на земјоделски производи, кој што е во тек и е наменет за сите мали и средни претпријатија кои работат во секторот за производство на храна и прехранбени производи.

Ефикасната искористеност на ИПАРД Програмата е важна за модернизација на земјоделските стопанства, подобрување на промоција и маркетинг на сопственото производство, овозможувајќи поголема додадена вредност на сопственото примарно производство. Со поддршката на инвестициите во преработувачката индустрија што е овозможено токму преку европските фондови, ќе се отворат можности за воведување на нови производи и технологии, како и зајакнување на синџирите за снабдување со храна помеѓу преработувачите и примарните производители, односно решавање на проблемите со вишоците на земјоделски производи.

Од друга страна преку поддршката на диверзификација на бизнисите во руралните средини се поттикнува развој на услужните дејности, на руралниот туризам, се овозможува поддршка на микро и мали претпријатија во прехранбените и непрехрамбени дејности, и на занаетчиски дејности во насока на развој на руралните средини.

Користењето на средствата од ИПАРД, за Македонија ќе обезбеди достигнување на стандардите на Европската Унија кои се однесуваат на квалитет и безбедност на храна, јавно здравје, заштитата на животната средина, заштита при работа, здравје и заштита на растенијата и на животните, благосостојба на животните, како и поддршка за оддржливо управување со природните ресурси и подобрување на условите за живот во руралните средини и руралната економија во целост.

Денешната работилница беше првата предвидена во едукативната кампања, која ќе трае 18 месеци и во чии рамки ќе се одржат 3 форуми, 6 работилници и 80 инфо денови.



 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu