СООПШТЕНИЕ - 05.02.2019 во 13:41





Со развојни мерки до зголемено производство, во новата Програма за финансиска поддршка се воведуваат субвенции за „зелена нафта“

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, денеска ја презентираше новата Програма за финансиска поддршка во земјоделството. Во годинешната програма за првпат се воведува субвенцијата за набавка на гориво за земјоделска механизација, или „зелена нафта“. Вкупната поддршка изнесува 200 милиони денари, а со неа ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци.
„Корисници на оваа мерка се земјоделците што имаат поледелски, градинарски овошни култури и лозови насади. Бидејќи се работи за нова мерка, за почеток кофинансирањето ќе биде 30 отсто од трошоците, со можност понатаму и да се зголеми овој процент. Оваа мерка ќе придонесе во значително намалување на производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи поекономично производство и поголеми приходи. На овој начин враќаме 200 милиони денари пари кај земјоделците“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Исто така, има новитети во мерката наменета за малите земјоделски стопанства под 1 хектар, која има за цел да направи раздвојување на развојните од социјално ориентираните мерки. Субвенциите за земјоделците кои имаат до 0,5 хектари земја изнесува 6.000 денари по хектар, додека 12.000 денари за оние што имаат од 0,5 до 1 хектар земја. Мерката опфаќа 13.000 земјоделци, односно онаа категорија која тешко може да ги исполни стандардите кои ќе се воведат во процесот на усогласување со ЕУ, а преку неа се враќаат 130 милиони денари кај земјоделците. Во претходните години за оваа категорија на земјоделци се исплаќале околу 49 милиони денари.
МЗШВ годинава ја зголемува финансиската поддршка за одржување на насади со јаболка од 33.000 денари на 41.000 денари по хектар, а за овоштарите кои имаат од 1 до 5 хектари поддршка расте од 39.600 на 50.000 денари по хектар. На овој начин рамномерно ќе се распределува финансиската поддршка кај сите производители на овошни култури со што истовремено ќе се поттикне и производството на конзумни производи кои ќе постигнат повисока цена на пазарот.
Во градинарството се олеснуваат критериумите, односно се пријавува збирната засадена површина за сите градинарски култури. Преку новите административни процедури во Платежната агенција ќе се намали бројот на земјоделци кои во текот на претходните години беа одбивани.

„Со измените и воведување на мали земјоделски стопанства и групите се олеснува и начинот на контрола но и се овозможува дел од земјоделците кои садеа на една парцела различни култури и ако имаше разлики од законски дозволените кај една култура го губеа правото на субвенционирање за цело единствено барање кое го поднесувале. Сега со овој начин ние парите ги враќаме кај земјоделците, затоа што со групирањето ние ќе ја гледаме сега вкупната површина на градинарски производи и со тоа ја намалуваме можноста од намерна ненамерна или било каква грешка и пред се оштета на нашите земјоделци.“
Во поледелството, министерството двојно ја зголемува поддршката за оризот за површини од 5 до 50 хектари со сертифициран семенски материјал. Од 6.000 на 18.000 денари по хектар се зголемува субвенцијата за земјоделците што не употребуваат сертифициран семенски материјал.
Значителна финансиска поддршка ќе добијат производителите на сончоглед и тоа, 23.160 денари по хектар оние што имаат од 5 до 50 хектари и користат сертифициран семенски материјал. Во делот на сточарството се зголемува субвенцијата за литар произведено и предадено овчо и козјо млеко од 4 на 4,5 денари по литар. Посебен акцент се става на живинарството. Односно, од 33 на 40 денари се зголемува субвенцијата за одгледани и заклани бројлери.
МЗШВ ја продолжува поддршка од 20 отсто повисоки субвенции за растителното производство за земјоделците со развоен потенцијал и 10 отсто повисоки субвенци за сточарсвото за истата категорија на земјоделци. Продолжува и поддршката за сите стратешки култури како тутунот, грозјето, пченицата и друго.
Сите овие промени во новата Програма за финанскиска поддршка во земјоделството МЗШВ ги направи по бројни консултации со сите чинители во земјоделскиот сектор. Целта на промените е направена на начин да се врати развојната компонента на директните плаќања, што ќе придонесе за зголемување на производството, обработливите површини, бројот на добиток и буџетот на земјоделците.






 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Menu