
Владата е максимално посветена на поддршката за развој и подигање на капацитетите на единиците на локалната самоуправа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во придружба на министерот за земјоделство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој и земјоделство, Николче Бабовски и градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, денеска го означија стартот на работите на реконструкцијата на локалната патна инфраструктура, која вклучува и мостови, за поврзување на повеќе села од општината до регионалниот пат во должина до 7 километри.
Вредноста на реконструкцијата на локалниот пат од село Владимирово до регионалниот пат е околу 19 милиони денари, од кои 13,3 милиони денари се обезбедени преку Програмата за рурален развој поддржана од Владата на Република Северна Македонија.
„Реализацијата на оваа, и на другите капитални проекти од оваа Програма ќе придонесе за севкупен развој на инфраструктурата во Република Северна Македонија, а со ефикасно искористување на овие мерки ќе се решат проблемите со комуналната и патната инфраструктруктура.“ - истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите.
На повикот за апликации за Програмата за рурален развој, која опфаќа три мерки како што се “Подобрување на квалитетот на живот во рурални средини“, „ Обнова и развој на селата“ и „Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја“, дури 80 општини поднесоа вкупно над 200 капитални проекти за изградба и реконструкција на локални патишта потребни за поврзување на населени места, изградба и реконструкција на пазари, партерно уредување, плоштади, домови, мостови, канализациона инфраструктура, водоснабдителна мрежа, како и за инвестиции за развој на одредени туристички точки кои што можат да бидат интересни како за домашните така и за странските туристи.
„За жителите од секоја општина е важно да имаат подобар пристап до земјоделското земјиште што го обработуваат, со нови локални патишта побрзо да стигнуваат до градовите и селата, да имаат чиста вода за пиење што ќе се овозможи преку инвестиции во водоснабдителната мрежа, домови за култури, современи пазари“, изјави министерот Димковски
Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, истакна дека преку Програмата за рурален развој, обезбедени се 38 милиони евра за капитални инвестиции во сите општини а ќе се реализираат над 200 проекти.
„ Преку одобрените три проекти за општина Берово, ќе се реализаираат проекти со вкупна кофинансирана сума од околу 18 милиони денари, средства кои ќе ги обезбеди Владата на Република Северна Македонија а општината ќе треба да плати само ДДВ. Средствата се инвестираат за развој на руралните места со што овозможуваме рамномерен регионален развој и пристојни услови и можности за живот и равој на целокупниот потенцијал на руралните подрачја во целата држава.“- исткна директорот Бабовски
Градоначалникот на општина Берово, Пекевски, изјави дека реконструкцијата на локалниот пат според договорот ќе заврши за месец и половина.
„Морам да потенцирам дека овој пат е изграден 1996 година и сега за прв пат после толку години се врши негова реконструкција. За нас како општина овој проект значи многу поддршката од Владата на Република Северна Македонија за вакви проекти кои овозможуваат подобрување на локалната патна инфраструктура, полесен пристап на земјоделците до нивните имоти и развој на локалната економија“, изјави градоначалникот Пекевски
Директорот на Платежната агенција, Бабовски изјави дека со помош на овој проект општина Берово ќе овозможи транзит на стока, услуги и добра кон селата Владимирово и Русиново а со тоа ќе се намалат трошоците за превоз на жителите од овој крај, затоа што оваа делница ја користат над 2.000 жители.
ПВРСМ Зоран Заев на увид на почеток на градежни работи, локален пат с.Владимирово