Во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се одржа работна средба со сопствениците на рибници кои аплицираат за финансиска поддршка во рамки на Програмата за рибарство.
На средбата се разговараше за тековни активности поврзани со спроведувањето на Програмата за рибарство за 2026 година и за финализирањето на постапките по инвестицискиот јавен повик од 2025 година.
Беа презентирани и податоци за досегашните исплати за подмирување на заостанатите обврски од 2021, 2022, 2023, 2024 и 2025 година до денес. Истакнато беше дека Агенцијата е во завршна фаза на исплатите по сите мерки а особено по мерката 2.2 – Производство на порибителен материјал за 2025 година.
Посебно внимание беше посветено на предизвиците при спроведувањето на мерките, особено на потребата од попрецизно дефинирање на критериумите и зајакнување на контролата и проверката на пријавените количини порибителен материјал, со цел спречување неправилности и можни злоупотреби. Отворено беше прашањето дали мерката предвидува субвенционирање и директна подршка за произведен порибителен материјал или е овозможено и субвенционирање на увозен порибителен материја.
Беше нагласено дека сите активности предвидени со Програмата за рибарство за 2026 година ќе се реализираат во рамки на расположливите финансиски средства, со одговорно планирање и управување со буџетот.
Воедно, беше истакната определбата до крајот на 2026 година, за првпат по повеќе години, ќе се подмират сите доспеани обврски кон корисниците, без пренесување заостанати неплатени обврски во наредната година.
Агенцијата останува посветена на транспарентно и ефикасно спроведување на мерките преку отворена комуникација со корисниците, јасни критериуми и правична и наменска распределба на финансиската поддршка.

