СООПШТЕНИЕ

Привршува рокот за пријавување за добивање на финансиска поддршка во земјоделството за 2018- та година


За неколку дена истекува рокот за пријавување на земјоделците за добивање на финансиска поддршка во земјоделство од програмата за 2018- та година. До денеска поднесени се вкупно 64,448 барања. Лани по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството вкупно беа поднесени 70, 244 барања. Ги потсетуваме сите земјоделци кои не се пријавиле за добивање на државната помош, да не го чекаат последниот ден за пријавување, затоа што запазувањето на рокот за аплицирање е важно за навремено да се обработат барањата и навреме да се исплатат субвенциите. Барањата може да се поднесат по електронски пат, самостојно од страна на барателите. Доколку барателите имаат потреба за помош при поднесување на електронското барање, може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во овој период се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и за сточарско производство и тоа за одгледување на говеда, овци, кози, пчели, свињи, живина и за заклани животни во кланици.
Барањата за мерките од растителното производство се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за парцели во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели.
Барањата за мерките од сточарското производство за говеда, овци, кози и пчели, се поднесуваат врз основа на евидентирани податоци за животни во Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни со состојба на денот на поднесување на барањето. Затоа, ги потсетуваме одгледувачите, пред поднесување на барањето, задолжително да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор.


Од годинава воведовме нови мерки за директни плаќања. Дел од нив, се повисоки субвенции и нов модел на субвенционирање во три нивоа за тутунот, 20 отсто повисоки субвенции за растителното производство, односно градинарство, овоштарство, лозарство. За земјоделците со потенцијал за развој, директните плаќања во сточарството нудат 10% повисоки суми за истата целна група, 30% повисока поддршка за промена на типот на производство и тоа промена од житни култури во градинарски култури, овошни култури и лозови насади, за вкупни површини помали од 5 хектара, 12.000 денари по хектар за реконструкција на лозови насади заради промена на сортна структура. Целта на промените воведени во Програмата за директни плаќања е да се овозможат поволни услови за развој на земјоделството, преку зголемување на производството и создавање на конкурентни земјоделски производи, со посебен фокус на земјоделците кои што имаат потенцијал за зголемување на производството.Од оваа година ги зголемивме и субвенциите за предадено овчо млеко за килограм од 3.5 денари на 4 денари. Со ваквиот начин на субвенционирање по квалитет за тутунот и млекопроизводството се стимулира зголемување на производството но и унапредување на квалитетот на производите,а на сите земјоделци им се дава можност за обновување и модернизирање на нивните земјоделски стопанства, во насока фармите да станат попродуктивни, со што Македонија преку унапредување на земјоделството ќе се доближи до европските стандарди.