Потпишани првите 13 договори за набавка на трактори од ИПАРД 2 Програмата
Денеска се потпишаа првите 13 договори од вкупно 692 потенцијални корисници на средства од ИПАРД 2 програмата. Вкупната поддршка за набавка на трактори од ИПАРД 2 Програмата е околу 5,8 милиони евра. Од нив, над 1,4 милиони евра се од Националното финансирање, додека близу 4,3 милиони евра се од Европските средства. Со оваа сума ќе бидат опфатени сите земјоделци кои што имаат комплетни апликации.
Ова е рекореден број на потенцијални корисници на средства преку оваа мерка, и воопшто преку ИПАРД програмата. Со потпишување на овие договори, се вбризгуваат нови средства во домашниот агро – сектор, кои придонесуваат за унапредување на домашното земјоделство.
„Со унапредување на процесот на евроинтеграција, интензивирање на меѓусебната соработка и политиките што Владата ги презема, поддршката од Европската унија ќе продолжи да расте. Покрај финансиска поддршка, нашите европски партнери нудат искуство, нови пазари и механизми за создавање модерно земјоделство, конкурентни и препознатливи производи.“ – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
МЗШВ во соработка со Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството постојано работи на јакнење на административните капацитети во процесите на подготовка и евалуација на потребната документација за аплицирање на ИПАРД програмите. Во време кога го чекаме датумот за почеток на преговорите со ЕУ, повеќе од потребни ни се Европските фондови. Раководителката на секторот за оперативните работи на Делегацијата на Европската Унија, Вирве Вимпари порача дека поддршката на ЕУ ќе продолжи и во иднина.
„Ова е можност да се покаже дека можете да ги користите средствата и да ги користите истите суми кога ќе бидете рамноправна членка на Европската унија. Ние сме партнери во ИПАРД имплеменатцијата и ќе продолжиме да ви даваме поддршка, се со цел фармерите да имаат можност да пристапат до овие 60 милиони евра кои се програмирани за периодот 2014- та до 2020- та година. Ова го гледам како можност за натпревар на фармерите и на граѓаните на Европскиот пазар.„ - рече Вирве Вимпари.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка и развој на земоделството, Николче Бабовски вели дека во наредниот период ќе продолжи потпишувањето на сите договори кои имаат целосни апликации.
„Покрај овие 692 договори, во Агенцијата деновиве ќе се потпишат и 240 договори на оние апликанти кои ги исполниле условите за набавка на земјоделска механизација, но, кои во себе не вклучуваат набавка на трактор. Најголем дел од апликации има од Пелагонискиот, Вардарскиот а по нив следат југоисточниот, североисточниот и југозаоадниот регион.Со помош на новите машини ќе создадеме конкурентни земјоделци, зголемено производство и извоз на земјоделски култури.“- речe Николче Бабовски.
За оваа година се предвидени нови повици на кои индивидуалните земјоделци и агрокомпаниите ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка. Целта е модернизација, прилагодување кон европската регулатива и поголема апсорпција на средствата од ИПАРД програмите.