Објавен јавниот повик за доставување на барања за мерките за финансиска поддршка на Локалните акциони групи
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, го објави Јавниот повик за доставување барања за користење на средства од мерките за „Воспоставување на локални акциски групи“ и „Реализација на стратегии за локален развој на рурални средини“, кои се во склоп на Програмата за рурален развој. Локалните акциони групи (ЛАГ-ви) се еден облик на јавно приватно партнерство во кое се вклучени самите земјоделци, земјоделските здруженија, бизнис заедницата и локалните самоуправи. Висината на вкупната финансиска поддршка за двете мерки изнесува 14 милиони денари. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопнаство Љупчо Николовски, посочи дека корисници на поддршката можат да бидат Локалните акциони групи основани согласно член 89 од Законот за земјоделство и рурален развој. Секој ЛАГ поединечно на располагање ќе има максимум 800 илјади денари.
„Интензивно работевме во предходниот период на меѓусебна соработка со акционите групи и при нивното регистрирање и пред објавувањето на овие мерки се со цел да можат да ги искористат овие средства, а тоа се за обезбедување на простории и опрема за работа, услуги за подготовка следење и управување со проекти, организрање на настани во врска со реализација на нивните стратеги, градба и реконструкција на објекти, набавка на опрема, реализација на проекти за развој на инфраструктура, поддршка на руралните бизниси, валоризација на културни вредности, рурален туризам и изработки на студии за зачувување на животната средина. Успешното функционирање на овие организации е директен бенефит за развојот на локалните заедници, на општина и секое рурално населено место. Најважно од се, е тоа што овој модел на функционирање овозможува значително подобрување на условите за живот во руралните подрачја, пред се од апсект на развивање на економијата, инфраструктурата, културата и заштитата на животната средина во сите овие подрачја“, изјави министерот Николовски.
Финансиската поддршка за активностите и инвестициите е 100 процентна, а корисниците ќе имаат опција за авансна исплата во висина од 40% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, информираше дека краен рок за поднесување на барањата за користење на финансиска поддршка е 18- ти април 2019 – та година. Бабовски истакна дека :
„ Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на финансирање на завршени активности и инвестиции од страна на корисникот во висина од 100% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за активноста од спроведената јавна набавка. Средствата од финансиската поддршка по барање на корисникот можат да се доделат во вид на авансна исплата во висина од 40% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци или пак во целост по реализација на самата активност од страна на оперативниот план на ЛАГ-овите“, изјави директорот Бабовски.
МЗШВ минатата година издаде решенија за формирање на 13 Локални акциони групи, што беше и првиот чекор по многу изминати години Локалните акциски групи да имаат можност да ги финансираат своите проекти и активности преку националниот буџет односно преку мерките од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.