Започна распределбата на 48.037 картички за зелена нафта – директорката Иротова Лазарева во посета на земјоделците во Прилеп и Штип

Од денес земјоделците можат да ги подигнат своите картички за зелена нафта во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова Лазарева, денес ги посети подрачните единици во Прилеп и Штип, каде што лично им ги врачи картичките за зелена нафта на земјоделците.
За реализација на оваа мерка обезбедени се 584 милиони денари, односно околу 9,5 милиони евра, наменети за 48.037 земјоделци. Поддршката изнесува од 3.200 до 12.000 денари по хектар, во зависност од земјоделската култура.
Покрај распределбата на картичките, посетата беше искористена и за непосредни средби и разговори со земјоделците за актуелните предизвици, потребите и приоритетите во земјоделското производство.
Посебен акцент беше ставен на средбата со жените носители на земјоделски стопанства, со кои се разговараше за идните мерки и можностите за дополнителна финансиска поддршка, со цел зајакнување на нивната улога и економска самостојност во земјоделството.
Директорката оствари средби и со претставници на здруженијата на сточарите и тутунопроизводителите, на кои се разговараше за актуелните прашања поврзани со мерките за поддршка во 2026 година, но и за очекувањата и предлозите за наредната година.
Во пресрет на започнувањето на процесот на креирање на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2027 година, ваквите непосредни средби се особено значајни.
„Сметам дека мерките за финансиска поддршка треба да се креираат врз основа на реалните потреби на земјоделците. Затоа ни е важно да ги слушнеме нивните предлози, забелешки и очекувања, особено сега кога се подготвуваме за креирање на новата програма за 2027 година.
Нашата цел е поддршката да биде навремена, правична и насочена кон вистинските потреби на земјоделското производство“, истакна директорката Иротова Лазарева.
Агенцијата продолжува со посветена работа на реализација на мерките за финансиска поддршка, со отворена комуникација и партнерски однос со земјоделците.
Земјоделците не треба да бидат само корисници на мерките, туку и активни учесници во нивното креирање.