Посета на претставници на Европската комисија и осми состанок на Комитетот за следење на ИПАРД III

На 19 и 20 ноември 2026 година, во рамките на посетата на претставниците на Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој (ДГ АГРИ) при Европската комисија, беа реализирани низа активности во насока на унапредување на спроведувањето на ИПАРД Програмата 2021–2027.

На 19 ноември, претставниците на ДГ АГРИ ги посетија просториите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, каде што остварија средба со директорката Даниела Иротова Лазарева и вработените ангажирани во спроведувањето на ИПАРД Програмата.

На средбата се разговараше за досегашниот напредок во работењето на Агенцијата, зајакнувањето на административните капацитети, унапредувањето на системот за внатрешни контроли, дигитализацијата на работните процеси и подобрувањето на условите за работа.

Во рамките на посетата беше опфатена и обиколката и увидот во новиот објект на Агенцијата, кој е во финална фаза на реконструкција.

По посетата на новиот објект на Агенцијата, работната агенда продолжи со организирана посета на два успешно реализирани проекти преку ИПАРД Програмата, со цел на претставниците на Европската комисија непосредно да им ги презентираме резултатите од искористувањето на европските средства и значењето на оваа финансиска поддршка за развојот на македонското земјоделство.

Реализираните инвестиции и постигнатите резултати предизвикаа особено воодушевување кај претставниците на Европската комисија.

Посетата на сточарската фарма беше одличен пример за тоа колку европската финансиска поддршка е значајна за трансформацијата и развојот на земјоделскиот сектор.

Инвестициите во современи технологии, автоматизацијата на производствените процеси и модернизацијата на фармите се основа за конкурентно, продуктивно и одржливо македонско сточарство.

Токму ваквите успешно реализирани проекти се најдобар показател за значењето на ИПАРД Програмата и оправданоста на нашите заложби за поголема искористеност на средствата што ни стојат на располагање од Европската Унија.

 На 20 ноември, во Клубот на пратеници во Скопје, се одржа осмиот состанок на Комитетот за следење на ИПАРД Програмата 2021–2027.

Особена благодарност упатуваме до „Органик милк“ и „Розбери ЛК“ за топлото гостопримство, можноста непосредно да се запознаеме со резултатите од нивните инвестиции, како и за искажаната доверба во институциите.

Нивната посветеност, визија и храброст да инвестираат во современи технологии и развој се позитивен пример и поттик за останатите земјоделски стопанства.

Токму ваквите успешни приказни се потврда дека со заедничка заложба, взаемна доверба и партнерски однос меѓу институциите и корисниците на финансиската поддршка можеме да изградиме модерно, конкурентно и одржливо македонско земјоделство.

 

Во рамките на своите надлежности, Агенцијата го презентираше:

•          Напредокот во обработката на барањата по јавните повици 01/2024, 02/2024 и 01/2025;

•          Динамиката на одобрување на барањата, склучување договори и исплата на финансиската поддршка;

•          Планот на активности и јавни повици за 2027 година;

•          Активностите за подобрување на искористеноста на средствата од ИПАРД Програмата;

•          Состојбата со акредитацијата на мерките;

•          Спроведените контроли и преземените активности по извршените ревизии.

Дводневните активности претставуваат значаен чекор во натамошното зајакнување на соработката со Европската комисија, унапредувањето на институционалните капацитети и обезбедувањето ефикасно, транспарентно и одговорно управување со европските средства наменети за развој на македонското земјоделство и руралните средини.

Агенцијата изразува благодарност до претставниците на Европската комисија за континуираната поддршка, конструктивната соработка и стручните насоки.