Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова Лазарева, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, одржа работна средба во Прилеп со претставници на Сојузот на тутунари и откупувачите на тутун.
На средбата се разговараше за подготовките за претстојниот откуп на тутунот, актуелните состојби во секторот, реализацијата на финансиската поддршка, како и за предизвиците и можностите за понатамошен развој на тутунопроизводството.
Директорката Иротова Лазарева истакна дека сите тутунопроизводители кои ги исполнуваат законските услови ќе ги добијат субвенциите што им следуваат, нагласувајќи дека Агенцијата работи во насока на законита, транспарентна и правична распределба на буџетските средства.
Особено беше потенцирано дека, согласно Законот за земјоделство и рурален развој, Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и Уредбата за поблиските критериуми за директните плаќања, финансиската поддршка за тутунот се исплаќа врз основа на договорените и продадените количини тутун, со исполнување на останатите пропишани услови.
По завршувањето на тековните контроли и утврдувањето на исполнетоста на законските услови, Агенцијата ќе продолжи со исплатата на средствата на корисниците кои го остваруваат правото на финансиска поддршка.
„Нашата обврска е средствата од државниот буџет да стигнат до вистинските производители. Агенцијата постапува исклучиво согласно законските прописи, без селективност и без привилегии за поединци. Контролите се законска обврска и гаранција дека јавните средства се користат наменски, одговорно и во интерес на земјоделците“, истакна Иротова Лазарева.
Во текот на средбата беа отворени и прашања поврзани со потребата од поголема соработка и заедничка одговорност на сите чинители во земјоделскиот сектор.
Директорката нагласи дека модернизацијата на македонското земјоделство и неговото усогласување со европските стандарди не може да биде обврска само на институциите, туку бара активно учество и од земјоделските производители и од откупувачите.
„Потребно е заеднички, институциите, производителите и откупувачите, секој во рамките на своите надлежности и законски обврски, да придонесеме кон унапредување на земјоделството. Почитувањето на законите, воспоставувањето точни и веродостојни податоци, транспарентноста и исполнувањето на европските стандарди и нормативи се предуслов за понатамошен развој на секторот и за создавање можности за поголемо искористување на европските финансиски средства“, потенцираше Иротова Лазарева.
На средбата беше истакнато дека усогласувањето со европските правила и стандарди претставува важен чекор кон зајакнување на конкурентноста на домашното земјоделско производство, подобрување на институционалните капацитети и создавање услови за пристап до поголема финансиска поддршка од европските фондови.
Агенцијата останува посветена на законито и транспарентно работење, заштита на интересите на земјоделските производители и градење партнерски однос со сите чинители во секторот, со заедничка цел – модерно, конкурентно и европски усогласено македонско земјоделство.
Инаку за 2026 година исплатени се 2 080 721 375 денари кон 15 362 тутунопроизводители.


