Презентација на објавениот оглас за Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство преку Мерката 115

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, денеска на работна сесија која се одржа на Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје, направи комплетна презентација на можностите за искористување на средствата преку објавениот оглас за Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, преку Мерката 115.

Директорката, Даниела Иротова Лазарева пред присутните ги потенцираше критериумите за подобност, потребната документација, постапката за аплицирање и практичните предизвици со кои се соочуваат земјоделките. Посебен акцент стави на можностите за развој на малите семејни бизниси и зајакнување на економската активност во руралните средини.

Посебно ја истакна улогата на АПРЗ во пренесувањето точни и навремени информации, како и во обезбедувањето стручна помош при подготовката на барањата и деловните планови.

На работната сесија за мерката 115 се обратија и Елена Новачка од Владата на Република Северна Македонија,  директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, Деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Миле Маркоски.

Тие пак, ја истакнаа потребата од координирана соработка меѓу институциите и советодавните служби, со цел подобро искористување на достапните мерки за поддршка и олеснување на пристапот на жените до финансиските можности за развој на нивните земјоделски стопанства.

Во рамки на сесијата беше нагласена и важноста од запознавање на жените земјоделки со условите за регистрација и евидентирање во соодветните регистри на АХВ, како и со барањата што треба да ги исполнат операторите со храна и носителите на активности во сточарските фарми.

Целта на работната средба беше подобро информирање на советодавците кои непосредно работат со жените земјоделки, разјаснување на условите и критериумите за аплицирање, потребната документација и постапките за користење на поддршката, како и намалување на административните пропусти при поднесувањето на барањата.