Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова Лазарева, учествува на дводневната Балканска конференција на земјоделски задруги. На настанот кој за прв пат го организира, Претседателот на Македонската асоцијација на земјоделски задруги (МАЗЗ), Драги Памуков, учествуваше и висок претставник на Владата, Елена Новачка, претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и голем број претставници на домашни и меѓународни задруги.
Пред присутните, Директорката Иротова Лазарева, истакна дека целта на Агенцијата е задругите да не бидат само формално регистрирани туку економско одржливи, модерни и конкурентни организации. По надминување на законските пречки, произлезе вистинска вредност преточено преку конкретни мерки. Едно од овие решенија е и мерката 131.1 која предвидува, економско здружување на земјоделските стопанства за вршење на земјоделска дејност преку која се врши исплата на плати за управители и сметководствени услуги за 2024 и 2025 година.
Во рамки на конференцијата, директорката Иротова Лазарева заедно со Претставникот на Владата, Елена Новачка, и претставниците на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го искористија присуството на голем број задруги, заеднички да креираат мерки кои ќе бидат реални и применливи и ќе придонесат кон одржување и развој на земјоделските стопанства.
Претседателот Памуков пак потенцираше дека е задоволен од поддршката од институциите преку владините мерки. Од конференцијата пак, очекува зголемена размена на бизнис контакти кои ќе придонесат кон поврзување на земјоделските задруги со производители, откупувачи, преработувачи и трговски партнери од регионот, кои ќе овозможат поголема трговска размена и настап на домашните и меѓународни пазари.






