Директорката Даниела Иротова Лазаева во Интервју за Слободен Печат

 Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој, Даниела Иротова Лазарева, денеска во интервју за Слободен Печат зборуваше на повеќе теми поврзани со земјоделството: Ова се дел од пораките упатени до целиот Агросектор. 

Линк до интервјуто: https://youtu.be/WVhZ9t9cMY8 

 

Субвенциите не пропаѓаат поради „Алта банка“, земјоделците да достават сметка од друга банка за да ги добијат парите

Земјоделците кои имаат сметки во „Алта банка“ не треба да стравуваат дека ќе ги загубат субвенциите поради актуелните проблеми со банката. Доколку сакаат парите да ги добиваат преку друга банка, доволно е да достават барање за промена на трансакциската сметка до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Исплатата потоа ќе продолжи на новата сметка, вели директорката на Агенцијата Данијела Иротова Лазарева. Таа нагласува дека промената на сметките не е нова постапка за Агенцијата и дека вакви барања редовно се обработуваат.

– Не сакам да се создава паника или тензија меѓу земјоделците дека ќе останат без субвенциите. Агенцијата тековно работи со промена на сметки по барање на барателот. Субвенциите ги исплаќаме на сметка што ќе ја достави барателот – вели Иротова Лазарева.

Таа појаснува дека одлуката е на самиот земјоделец – може да достави нова трансакциска сметка во друга банка или да ја остави постојната во „Алта банка“.

– Во секој случај, субвенциите нема да пропаднат“ – децидна е директорката.

Директорката вели дека од 100 милиони евра земјоделски субвенции, значителен дел се наменети за подмирување на наследените обврски од претходните години, а не само за новите мерки. Како што вели, во изминатата година се исплатени околу 14 до 15 милијарди денари за заостанати обврски кон земјоделците.

Сепак, сè уште има неисплатени субвенции за млеко за шест месеци од 2025 година, поддршка за градинарски култури по килограм, како и за регистрирани земјоделци за вршење земјоделска дејност за 2024 година. Директорката очекува до крајот на февруари следната година да бидат подмирени преостанатите обврски заклучно со 2025 година, а да се обезбедат средства и за реализација на 50 до 60 проценти од програмата за 2026 година.

Од актуелните исплати, таа го посочува тутунот, за кој се исплатени околу 2,1 милијарда денари, додека за лозарите и овоштарите се предвидени околу 1,5 милијарди денари поддршка.

Дополнителни осум денари за оризарите

Иротова Лазарева најавува и дополнителна поддршка за оризопроизводителите од осум денари за килограм оризова арпа, поради ниските откупни цени.

Одлуката е донесена на владина седница, а Агенцијата ги очекува списоците од Државниот инспекторат за земјоделство за потврдување на откупените количества, по што средствата ќе бидат испратени во трезор за исплата. Станува збор за дополнителна помош, покрај основните субвенции што веќе им биле исплатени на оризарите. Еден од проблемите што го посочува директорката е недоволната развојна компонента на субвенциите. Според нејзините процени, само околу 30 проценти од земјоделските стопанства ги користат овие средства за модернизација и дигитализација, додека останатите ги трошат за лични потреби.

Таа смета дека причината е и тешката финансиска состојба на малите земјоделски стопанства, за кои субвенциите често претставуваат дополнителен приход неопходен за опстанок. Затоа, најавува постепено менување на мерките, воведување дополнителни критериуми и посилни контроли, со цел 

 

Откриени злоупотреби, се прават контроли

Во однос на злоупотребите со субвенциите, Иротова Лазарева вели дека проблемите се особено изразени кај пријавувањето земјоделски површини што реално не се обработуваат.

Таа открива дека контролите годинава ќе опфатат повеќе од 14 проценти од корисниците, иако законската обврска е од пет до десет проценти.

-Има злоупотреби, не велам дека нема, и не се мали- вели директорката, посочувајќи дека Агенцијата соработува со Министерството за земјоделство, Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Дополнително, Агенцијата добива и дојави од самите земјоделци. Според директорката, Агенцијата располага со 44 контролори, а во последниот период пристигнале меѓу 200 и 300 пријави за лица кои бараат субвенции за капацитети што реално не ги поседуваат.

Како дополнителна алатка за спречување на злоупотребите се разгледува воведување сателитски снимки и систем за мониторинг на секоја парцела и секое грло добиток. Целта е субвенциите да ги добиваат вистинските производители, а не оние што пријавуваат површини или добиток само за да остварат право на државна поддршка.

Во декември три нови повици за ИПАРД

Во интервјуто за „Слободен печат“ директорката зборува и за руралниот развој, поддршката за младите земјоделци и жените во руралните средини, како и за проблемите со реализацијата на ИПАРД-програмата. Таа најавува дека во декември ќе бидат објавени три јавни повици за различни мерки, при што на располагање ќе бидат ставени средства од програмскиот период за 2027 година.

Вкупниот финансиски фонд за седумгодишниот програмски период изнесува 198 милиони евра. Директорката објаснува дека досега биле исплатени средствата за сите одобрени и проверени барања за кои било побарано плаќање. Посебно ја издвојува и мерката за руралните жени, за која е предвидена неповратна поддршка до 360.000 денари за набавка на опрема. Со измените, жените повеќе нема да мора да поседуваат сопствен имот, туку ќе можат да аплицираат и како членови на земјоделско стопанство.

За младите земјоделци, пак, се подготвуваат дополнителни критериуми за да се спречат злоупотреби со набавената механизација и опрема.

-Агенцијата е партнер на земјоделците, не нивен противник. Сакаме средствата да стигнат до луѓето што навистина произведуваат храна. Во Агенцијата имаме прекрасни луѓе кои работат повеќе од 20 години, ја знаат својата работа и не верувам дека некој досега имал таква намера. Иако имаме судски процеси во кои се опфатени десетици наши вработени, ќе видиме како ќе завршат тие постапки. Сепак, најголемиот дел, односно 70 до 80 проценти од вработените, се чесни луѓе кои професионално си ја вршат работата и се подготвени да им помогнат на земјоделците за средствата да стигнат до вистинските производители – порачува Иротова Лазарева.