ФАКТИТЕ ПРЕД СÈ – ИПАРД ПРОГРАМАТА НЕ Е СТОПИРАНА!
Како директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, чувствувам професионална и морална обврска да реагирам на денешното соопштение на Националната земјоделска мрежа, во кое се тврди дека средствата од ИПАРД програмата се стопирани на неодреден период.
Ова тврдење е неточно и не соодветствува со фактичката состојба.
За точно и објективно информирање на македонските земјоделски производители, сакам да ги посочам следните факти:
▪️ Суспензијата на ИПАРД плаќањата е укината на 28 април 2026 година.
▪️ Сите доспеани обврски за исплата во рамките на ИПАРД програмите се целосно исплатени.
▪️ По укинувањето на суспензијата се склучени 25 нови договори за финансиска поддршка.
▪️ На 19 и 20 ноември 2026 година, претставници на Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската комисија – DG AGRI, ја посетија Агенцијата за првпат по две години.
▪️ На 23 ноември 2026 година, на официјалната веб-страница на Агенцијата е објавена претходна најава за нов јавен повик во рамките на ИПАРД III програмата.
▪️ Со претстојните јавни повици за трите мерки од ИПАРД III програмата, на потенцијалните корисници ќе им бидат ставени на располагање околу 60 милиони евра за инвестиции во земјоделството и руралниот развој.
Го почитувам правото на секое земјоделско здружение да ги застапува интересите на земјоделските производители, да поставува барања и да упатува критики до надлежните институции.
Но, правото на критика подразбира и одговорност за точноста на јавно изнесените информации.
Изнесувањето неточни информации за стопирање на ИПАРД средствата создава непотребна загриженост, несигурност и недоверба кај земјоделските производители и може да ги обесхрабри во планирањето на нивните идни инвестиции.
Врз основа на наведените факти, јавно го повикувам Управниот одбор на Националната земјоделска мрежа да го демантира сопственото тврдење за стопирање на ИПАРД средствата и јавно да им се извини на македонските земјоделски производители за изнесената неточна информација, преку истиот канал преку кој таа е објавена.
Земјоделските производители заслужуваат точни и проверени информации, одговорен однос и вистинска поддршка од сите нас, без исклучок.
Конструктивната критика секогаш е добредојдена, но фактите не смеат да бидат предмет на произволно толкување.
Одговорноста за јавно изнесениот збор е обврска на сите нас.