Соопштение

 
 

На ден 07.12.2017 во Загреб, Република Хрватска се оствари официјалната посета помеѓу директорите на Платежните агенции на Македонија и на Хрватска, Николче Бабовски и Матилда Чопиќ како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски коипотпишаа нов меморандум за соработка. Овој меморандум е важен за Македонија, бидејќи на овој начин двете страни се обврзуваат да соработуваат на техничко и експертско ниво преку размена на искуства во делот на моделот на искористување на финансиските средства од европската ИПАРД Програма, моделот на директната финансиска поддршка како и организацискиот модел на искористување на европските фондови во делот на земјоделството, руралниот развој и рибарството. Хрватска како земја важи е позитивен пример за ефикасно искористување на европските фондови.

На конференцијата на Платежните агенции на Македонија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција, директорите на присутните Платежни агенции ги презентираа своите искуства во делот на функционирање на оваа институција и искористување на европските фондови.

Во рамки на посетата од хрватска страна беше понудена експертска помош во однос на зголемување на функционалноста на македонската Платежна агенција, нејзино кадровско екипирање, како и за моделот на ефикасна директна поддршка и искористување на парите од европската ИПАРД Програма.

„Република Хрватска има позитивни искуства во делот на искористување на европските фондови, и тука можеме да ви помогнеме. Ги знаеме сите проблеми со кои може да се соочите, добро е кога некој навреме ќе ви го каже решението. Може да очекувате помош од било која наша институција, од министерството и од Платежната агенција. Како држава од нас можете да имате голема помош во претпристапниот период“, изјави министерот Толушиќ.

На средбата се посочи дека искуството од Хрватска е добредојдено, бидејќи токму во овој период, македонската Платежна агенција се соочува со проблем во делот на кадровското екипирање, што влијае врз реализацијата на мерките од Националните Програми.