
Министерот Димковски и директорот Бабовски, денеска во Кавадарци одржа работен состанок со претставници на Здружението „Напредни лозари“
Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, беа во посета на Кавадарци. Министерот Димковски и Бабовски оддржа работен состанок со претставници на Здружението „Напредни лозари“. На состанокот се разговараше за цената и пласманот на грозјето и подобрените услови за производство на вино. Министерот Димковски информираше дека цената на предадено грозје, оваа година нема да биде пониска од ланската и дека целокупното произведено грозје од оваа реколта ќе биде откупено. Лозарите беа целосно исплатени во изминатиов период, исплатени се сите заостанати долгови направени од претходната власт.
Во изминативе три години, министерството беше во постојана комуникација со земјоделците од што произлегоа многу идеи и предлози за подобрување на секторот.
“Во последните 3 години интензивно разговараме со Здружението „Напредни лозари“, и сме отворени за соработка, се што сме договориле изминатиот период е исполнето “- Изјави министерот Димковски
На барање на земјоделците, направени се неколку измени во Програмите кои се креирани онака како што нив најмногу им одговара и според нивните барања. Минатата година се донесоа измени и дополнување на Законот за вино, со кои се овозможија низа поволности со кои се олеснија условите за производство на вино на малите семејни винарии и на физичките лица производители на вино. Ова е тековен тренд во светски рамки, особено во сегментот на продажба на вино од фарма, во насока на диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам. Во таа насока, изменет е и Правилникот за висината на надоместокот за извршените работи на Државниот инспекторат за земјоделство, со што се олеснети условите за упис во регистарот на производители на вино на физички лица и мали винарски визби.
Намалена е висината за надоместокот од 10.000 денари на 1.500 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно и 5.000 денари за винарски визби со капацитет на преработка и чување на вино над 30.000 литри.
Намалувањето на трошоците за регистрација ќе биде мотивација за многу физички лица кои во домашни услови произведуваат вино, да можат да се регистрираат во регистарот на производители на вино. Со тоа на легален начин, своето домашно произведено вино ќе можат да го пуштат во промет и да бидат легална конкуренција, а македонските љубители на вино ќе добијат широк избор на вкусови.
Колку беше потребна ваквата измена, говорат и статистичките податоци според кои површините со лозови насади се зголемуваат секоја година. Расте интересот кај земјоделците за зголемување на производството. Исплатата на субвенциите тече редовно, навремено и согласно предвидената динамика.