
Граѓаните на Демир Капија добија нов современ Дом на културата, парите се обезбедени преку програмата за рурален развој
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, заедно со градоначалникот на општина Демир Капија, Лазар Петров, денеска направија увид во капиталните проекти кои општината ги реализираше со средства од Програмата за рурален развој. Станува збор за три проекти со вкупна вредност од над 21 милион денари. Дел односно, над 12 милиони денари се инвестирани за реконструкција на Домот на културата „Мирка Гинова“. Градот доби целосно нов современ објект кои овозможува квалитетни услови за работа на културните работници а граѓаните добија мултифункционален објект со најсовремена опрема.
„Агенцијата за реализација на овој проект обезбеди 12 милиони денари. Освен овој проект во Демир Капија со средства од Агенцијата ќе се реализираат и уште два други проекти со што вкупните средства кои ќе се вложат во овој дел на државата изнесуваат над 21 милион денари. Тоа се сериозни средства кои ќе го развиваат потенцијалот во овој дел од државата. Со помош на овие средства се уредува и излетничкото место Дошница а земјоделците кои имаат површини во месноста Кош добија квалитетен пристап до земјоделско земјиште што позитивно ќе се одрази на намалување на производните трошоци за земјоделските производи. “ – истакна Бачовски
Градоначалникот Петров, истакна дека ваквите проекти се од огромно значење затоа што овозможуваат развој на културата.
„ Ова место станува простор каде младите културолошки ќе се образуваат, ќе ја негуваат традицијата и фолклорот. Во овој мултифункционален објект ќе сеовозможи да се оддржуваат концерти,театарски претстави и настани Агенцијата ја препозна нашата потреба и овозможи граѓаните да добијат објект каков што заслужуваат„- истакна градоначалникот Петров
Преку Програмата за рурален развој во сите општини се реализираат над 200 проекти со вкупна вредност од 38 милиони евра. Средства кои реално овозможуваат рамномерен регионален развој како и еднакви услови за живот на сите граѓани во Република Северна Македонија без разлика дали живеат во урбани или рурални средини.