Денеска исплатени 3,9 милиони евра пари од субвенции за тутунот
На сметките на 3,828 тутунопроизводители денеска ќе легнат околу 3,9 милиони евра пари од субвенции за тутунот од реколта 2017 – та година. Оваа сума е дел од преостанатите 20 отсто за исплата на субвенциите за тутунот. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги обработува решенијата за преостанатите субвенции за тутунот, и се очекува исплатата комплетно да заврши во текот на следната недела.
Минатата недела се исплатија 22 милиони евра или околу 80 отсто од вкупната сума за исплата на субвенции за тутунот, на 20.880 тутунари. Сумирано, заедно со денешната исплата, досега се исплатени близу 26 милиони евра за субвенции за тутунот од реколтата 2017 за 24.708 тутунари.
Тутунарите добија зголемени субвенции за тутунот, односно според новиот модел на субвенцирање со кој субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, за втора класа 70 денари, а за трета, четврта и дополнителните класи субвенцијата изнесува 60 денари за килограм. Целта на новиот модел на зголемено субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција. Годинава се постигна и убедливо највисока просечна цена за тутунот од 217,6 денари за килограм. Тутунопроизводството е значајна гранка за македонското земјоделство, која што носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно.