
Започна исплатата на средствата од ИПАРД 2 програмата
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој од денеска започна со првите исплати за финансиските средства од договорите склучени со последниот повик за ИПАРД 2 Програмата. Исплатени првите 10 барања за апликантите кои веќе ја извшиле инвестицијата. Само со првиот повик за ИПАРД 2 до денеска се склучени рекордни 898 договори во вкупна вредност на побарувани средства од 15,6 милиони евра, од кои 11,7 милиони евра се од европските фондови. Се очекува вкупната бројка на склучени договори да биде над 900 договори. Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалнилката на општина Арачиново, Миликије Халими, денеска го посетија земјоделецот Алмир Ќаили во село Грушино, општина Арачиново. Амир е успешен пример кој со помош на средства од европските фондови, од ИПАРД, инвестирал во производството односно во набавка на современа механизација со која го олеснил и ги намалил трошоците. Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, информираше дека семејството Ќаили е одличен пример како и симболична европска помош може да помогне многу во унапредување на производството.
„Тие со првиот повик од ИПАРД 1, учествуваа и добија поддршка од 1.700 евра поврат на средства, но, таа симболична сума на средства нив само им даде мотив по втор пат да поднесат барање за добивање на средства од ИПАРД 2. Сега со апликацијата од ИПАРД 2 за набавката на механизацијата повратот на средствата кој го побаруваат е 21 илјада евра. Денеска, договорот дојде во вистински раце, во просперитетен земјоделец кои заедно со неговото семејство, обработуваат над 90 хекатри земја во скопско Грушно. Го очекуваме и во иднина да аплицира. Само со осовременување на земјоделското производство може да дојдеме до конкурентни производи кои на европскиот пазар ќе бидат промотор за Македонија.„ – истакна Бабовски.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски од Грушино порача дека:
„Ова покажува дека со здружени сили со јакнење на Платежната агенција, со оваа евроатланска интеграција и енергија која што постои во државата, со преземањето на сите активности за забрзување на постапките за овој но, и за следните повици можеме само во еден повик да стигнеме до бројка на склучени договори која што може да биде поголема од вкупно склучените договори кои што ги имаме на предходните 12 огласи.Преку ИПАРД 2 Македонија од Европската Унија доби 60 милиони евра за инвестиции за модернизирање на земјоделството. За следната 2019 година е договорена поддршка од ЕУ во износ од 15 милиони евра. „- рече Николовски.
Министерот Николовски посочи дека членството во НАТО и влезот во ЕУ ќе значи повеќе европски средства за субвенции, за механизација, за повисок приход, зголемување на средствата за поддршка на земјоделство, младите македонски земјоделци ќе имаат повеќе можности за повисоки приходи и градење на успешни агробизниси, модернизирање и развој на земјоделството со помош на европските фондови, сигурни откупи и нови вработувања.