Претставници на Светска банка за поддршка на Проектот за модернизација на земјоделството, денеска остварија средба со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев.
Целта на посетата е статусот на реализација на проектната активност која се однесува на реконструкција и адаптација на новододелената административна зграда на Агенцијата, како и да се разгледа динамичкиот план за имплементација на активноста согласно неодамнешното реструктуирање на Проектот.
Според директорот Стоилев, како дел од процесот на подготовка на Агенцијата за зголемените обврски кои произлегуваат од спроведувањето на ИПАРД III програмата како и преземените активности за добивање на акредитација за дополнителни 3 ИПАРД мерки, но и за унапредување на вкупната ефикасност на институцијата, се предвидува реконструкција и адаптација на објектот кој со одлука на Владата е доделен на Агенцијата.
Од страна на мисијата пак, беше потенцирано дека за Светска банка е од суштинско значење е обезбедувањето финансиска поддршка и насоки, кои имаат за цел унапредување на земјоделскиот сектор.
Со обезбедените 6,4 милиони евра од Светска банка, ќе се реконструира поранешна управна зграда на Македонија Табак, при што ќе се овозможи подобра организација на работата, поголема достапност за јавноста и соодветен простор за нови вработувања кои се потребни за зголемените административни обврски. Преку оваа активност, државата демонстрира сериозен пристап кон исполнување на стандардите на ЕУ за управување со средства, вклучувајќи капацитет за навремена и правична распределба.