Унапредување на системот за спроведување на мерките за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова Лазарева со директорот на Земјоделскиот институт – Скопје, д-р Душко Неделковски потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува рамка за институционална, стручна и научна соработка.

Предмет на соработката е обезбедување стручна, научна и техничка поддршка при развојот и унапредувањето на методологиите, нормативите, анализите и другите стручни документи неопходни за спроведување на националните програми за финансиска поддршка и програмите финансирани од Европската Унија.

Посебен акцент на соработката ќе биде ставен на утврдувањето, проверката и верификацијата на стандардните единечни трошоци (Standard Unit Costs), во согласност со релевантните правила и добрите практики на Европската Унија, со цел обезбедување нивна реална и објективна заснованост, поедноставување и унифицирање на постапките, како и зголемување на транспарентноста и ефикасноста при доделувањето финансиска поддршка.

Соработката ќе опфаќа и меѓусебна размена на релевантни податоци, информации, анализи и стручни искуства, потребни за изработка, проверка и унапредување на методологиите и стандардните трошоци, во согласност со законските надлежности и прописите за заштита на податоците.

Институтот, преку своите наставно-научни кадри и стручни соработници, ќе обезбедува експертска поддршка во области за кои е потребна посебна стручност, а кои се од значење за работењето на Агенцијата.