Соопштение

 
 

На ден 06.03.2018 година во просториите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потпишани се првите четири договори за поддршка на проекти од Програмата за користење средства од инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД) за период 2014-2020 година.

Договорите беа потпишани од страна на Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, на настанот присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Потписници се корисници на третата мерка од Програмата која се однесува на инвестиции во основно средства за преработка на земјоделски и рибни производи и се помеѓу пристигнатите над 1.600 апликации на огласот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за ИПАРД програмата,што заврши во јули лани.

Директорот Николче Бабовски по денешното потпишување на договорите истакна дека со преземените активности во изминатите осум месеци се покажало дека државата е целосно посветена на искористување на расположливите 60 милиони евра со ИПАРД програмата за периодот 2014-2020.

Потпишавме четири договори соодветни за кофинансирање од половина милион евра, односно делот кој што ќе се добие преку ИПАРД програмата е над 250 илјади евра, што ја покажува сериозноста со која се посветуваме на искористување на овие средства. Ова е класичен пример за продолжување на ИПАРД приказната но во позитивно светло која за жал во изминатиот период не беше со потребното внимание, изјави директорот Бабовски.

Исто така директорот истакна дека се работи на акредитација на нови мерки, тоа е мерката Рурална јавна инфраструктура и ЛИДЕР Програмата заедно со советодавните услуги, кои и на нашите земјоделци и на преработувачките капацитети, ќе им го олесни патот за користење на парите од ИПАРД Програмата 2014-2020.

На првиот јавен повик од ИПАРД Програмата 2014-2020 кој беше објавен лани, има рекордно голем број на добиени барања за ко-финансирање. Пристиганти се 1.648 барања, со вкупна побарана финансиска поддршка од околу 73,6 милиони евра. Станува збор за мерките: Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства, Инвестиции во основни средства за преработка на земјоделски и рибни производи и Диферзификација на фармите и развој на бизниси. Вкупните финансиски средства од целата ИПАРД Програма 2014-2020 која може да се користи до 2023 година изнесува 79,6 милиони евра, од кои 60 милиони евра се од европските фондови, а останатите се национално буџетирање.

До денеска се одобрени 5 решенија за одобрување на барање за финансиска поддршка од мерката 3 “Инвестиции во основни сресдства за преработка на земјоделски и рибни производи“ со вкупна вредност на финансиска поддршка до 310.000 евра, од кои 232.500 евра се европски средства.

Во тек се проверките на останатите предмети од трите мерки и се очекува во месец март и април да бидат склучени договорите за сите мерки.Еден од проблемите со кој се соочуваат потенцијалните корисници на ИПАРД Програмите е недостаток на средства за реализација на инвестицијата, затоа МЗШВ во соработка со другите институции интензивно работи на воспоставување на механизам, односно гарантен фонд, кој би овозможил предфинансирање за ИПАРД Програмите.

Министерот Николовски и директорот Бабовски, истакнаа дека за ефикасна искористеност на средствата, потребна е силна екипираност на Платежната агенција, а Владата веќе го детектираше проблемот, и во тек е процесот за првите нови вработувања и кадровска екипираност на Платежната Агенција и на Телото за управување со ИПАРД.