
Со средства од Програмата за рурален развој го стимулираме локалниот економски развој и руралниот туризам
Денеска, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски присуствуваа на увид на реконструкција на патот Бутел- Љуботен.
Премиерот Заев, истакна дека овој важен инфраструктурен проект е поткрепен со близу 11 милиони денари од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а се реализира и со неповратни средства од Програмата за рурален развој.Оваа делница е во должина од 7 километри и се реконструира прв пат по 28 години. Делницата ќе значи подобро инфраструктурно поврзување на над 5. 000 жители на селото Љуботен и туристичкото место Башинец, додека жителите на селото Љубанци, Раштак и Љуботенски пат ќе имаат можност за многу пократко време да пристигаат во Скопје.
Премиерот Заев истакна дека искрено се надева дека овој пат ќе го стимулира и локалниот економски развој, ќе отвори можности за развој на руралниот туризам и ќе обезбеди полесен пристап и поврзаност на земјоделците.
„Цели 10 години нивото на инвестиции во инфраструктурата во нашата држава беше на ниско ниво, со што станавме инфраструктурно заостаната земја, со рурални средини без основни животни услови.Токму затоа Владата е цврсто решена да вложува во изградба на развиена инфраструктура, а ги стопираме инвестициите во непродуктивни проекти, каков што беше Скопје 2014. Наша стратешка цел е реализацијата на проектите: „Македонија мегалополис“, инфраструктурно поврзување меѓу најголемите центри за не повеќе од 90 минути, и „Македонија без црни точки”.- појасни Заев.
Усвоивме план за инвестиции во патната инфраструктура од приближно 3 милијарди евра преку кои во наредните години ќе изградиме 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта и 1.000 километри локални патишта. Секој километар добар асфалтен пат е многу значаен за граѓаните. Без разлика дали е автопат, регионален или локален пат. Добрата поврзаност на населените места е од животно значење за секојдневието на граѓаните.
Со овие мерки и политики, како Влада, сакаме да ги мотивираме граѓаните да создаваат сопствени бизниси и да ги развиваат и руралните средини, без оглед на нивната местоположба. Само преку квалитетни услови за живот може да влијаеме врз намалување на одливот на младите, односно да ги задржиме во родните огништа. Работиме на забрзана реализација на капиталните проекти на територија на цела држава.
Премиерот најави дека се очекуваат 9 милијарди за Западен Балкан и поддршка на инфраструктурни проекти каде што некаде помеѓу 800 милиони и 1 милијарда ќе се однесуваат токму на капитални инвестиции. Преку развој на национален инвестиционен план ќе се помогне на селата, на градовите, но и на развојот на севкупната инфраструктура во државата".