СООПШТЕНИЕ


Со 40,8 милиони денари од програмата за рурален развој ќе се развива културата и спортот во Пробиштип

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, заедно со градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, денеска направија увид на дел од проектите кои се реализираа со средства од Програмата за рурален развој. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Бачовски, истакна дека во Пробиштип од Програмата за рурален развој се инвестираат 40,8 милиони денари за проекти кои го подобруваат квалитетот на живот но и овозможуваат развој на културата и спортот.

„Општината Пробиштип е одличен пример како градската власт може да ги препознае пред се потребите на граѓаните, но и можноста за создавање на услови за развој на културата и туризмот. Пробиштип со средства од Програмата за рурален развој, реализира три проекти во вкупна вредност од 40,8 милиони денари. Со овие средства, жителите од село Сремош добија квалитетен, нов пат. А се реконструира и Спомен паркот на револуцијата и истиот доби една нова димензија. Оваа место прерасна во место каде младите може да се развиваат своите спортски вештини а повозрасните да се рекреираат или релаксираат. Исто така дел од овие над 40 милиони или поточно 16,4 милиони ќе бидат инвестирани во реконструкција на Домот на културата со што граѓаните ќе имаат квалитетни услови за развој на културата. Овие средства се грант, единствено општината треба да го плати данокот на додадена вредност за проектите. “ – истакна Бачовски.

Средствата кои ги доби општината за реализација на овие проекти се неповратен грант, општината треба само да го плати данокот на додадена вредност. Градоначалникот Анастасов истакна дека фокусот на општината е ставен на изградба на квалитетна комунална и патна инфраструктура. На овој начин преку овие проекти се овозможува поволни услови за живот како и развој на културата и спортот.

„Oпштината за прв пат доби средства за три капитални проекти на еден повик со вкупна вредност од близу 53 милиони денари.
Во моментот се наоѓаме на спомен паркот Братство и единство, чијашто реконструкција е во тек, на веќе 70% изведени работи се надевам дека веќе напролет нашите сограѓани ќе ги користат реконстуираните, но и нови содржини за рекреација и спорт кои ги нуди спомен паркот.
Покрај овој проект во тек е и реализацијата на реконструкцијата на ентериерот на Кино салата во склоп на Домот на култура - Злетовски рудар, коешто после долги години нефункционалност се реконструира, а неговото ставање во функција ќе го надополни, но и на некој начин заокружи и функционирањето на самиот Дом на култура, со директно овозможување на многу културни манифестации" - истакна Градоначалникот Анастасов.

Преку мерките од Програмата за рурален развој во сите општини во државата во моментов се реализираат над 200 инвестициски проекти, за што Владата обезбеди 38 милиони евра средства од Буџетот на РСМ.