СООПШТЕНИЕ

 


ПАРИТЕ ОД СУБВЕНЦИИ ЗА ТУТУНОТ ПОЧНАА ДА ЛЕГНУВААТ НА СМЕТКИТЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ

Над 22 милиони евра средства од субвенции денеска легнаа на сметките на тутунопроизводителите. Околу 20.880 тутунопроизводители или 80 отсто од предвидените средства за оваа мерка веќе се на трансакциските сметки на тутунарите.Ова денеска од селото Ивањевци, општина Могила, го презентираа Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски.
„Се надеваме дека денеска над 20 илјади семејства ќе бидат среќни и ќе можат овие средства да ги реинвестират, бидејќи токму сега е периодот кога овие пари им се најпотребни. Очекувам, до 30 – ти јуни годинава да бидат исплатени сите предвидени субвенции по програмата за 2017- та година. 95% од предвидените средства се исплатени. Остануваат уште мал дел, односно околу 5 отсто за исплата на оние земјоделци кои имаат некомплетна документација. Кога ќе се докомплетираат документите Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој веднаш ќе ги префрли средатва на сметките на земјоделците. “ – рече директорот Николче Бабовски.
Министерот за земјоделство Николовски, рече дека со навремена исплата на субвенциите, земјоделците ќе може навреме да ги планираат идните реколти.
„Продолжуваме со политиката на навремени субвенции и враќање на парите назад кај граѓаните тогаш кога им се потребни, за да инвестираат во новата реколта.Оваа година тутунарите добија зголемени субвнции во три нивоа. На овој начин ги мотивираме тутунарите да произведуваат квалитетен тутун“, изјави министерот Николовски.
Од реколтата 2017- та година Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство воведе нов начин на зголемено субвенционирање во три нивоа. Согласно овие промени, зголемени субвенции за тутунот добиваат над 23.400 тутунари. Оваа година се постигна и убедливо највисока просечна цена за тутунот од 217,6 денари за килограм.Целта на новиот модел на зголемено субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција. Имено, субвенцијата за прва класа тутун сега изнесува 80 денари, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи.
Тутунопроизводството е значајна гранка за македонското земјоделство, која што носи девизен прилив од околу 100 милиони евра годишно. Во насока на создавање поволни услови и поттикнување развој на оваа култура, МЗШВ го најавува и новиот закон за тутун, кој е во финална фаза. Со него се предвидува укинување на поднесувањето евидентни листови, со што значително се олеснуваат адмнистративните процедури.