
АФПЗРР распиша 5 јавни повици за финансиска поддршка обезбедена преку програмата за рурален развој
Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес објави 5 јавни повици за финансиска поддршка обезбедена преку програмата за рурален развој .
Јавните повици ќе траат од 20.04.2022 до 20.05.2022 година.
Преку јавниот повик за рурална жена ќе се поддржат жените кои се носители на своите земјоделски стопанства. Максималната вредност на прифатливите трошоци изнесува 360 илјади денари, а ќе се поддржат исклучиво инвестиции во набавка на опрема за постбербени активности и опрема за преработка. Целта на оваа Мерка е да се стимулираат преработките на основните производи со што ќе се даде додадена вредност на трудот кои жените – земјоделки го вложуваат. Оваа поддршка се имплементира по принцип на грантирање, односно поддршката подразбира доделување на неповратни финансиски средства во висина од 100% од инвестицијата.
За апликантите кои ќе се јават на јавниот повик за набавка на трактори се предвидени 3 и пол милиони денари по корисник. Исплатата на средствата се врши по целосна реализација на инвестицијата согласно условите и критериумите за финансиска поддршка. Финансиската поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање кое се движи од 50% - 75% зависно од тоа дали апликантот е на возраст до или над 40 години и согласно подрачјето каде што е предвидена инвестицијата.
Со финансиска поддршка од 50% - 75% од вкупната вредност на инвестицијата ќе бидат поддржани производителие на житни култури кои во својот деловен план ќе предвидат набавка на силоси за складирање на житни и индустриски зрнести култури со максимален капацитет од 25 тони. Максималната вредност на прифатливи трошоци е 1 милион денари.
Објавен е и повик за финансиска поддршка за инвестиции во мандри. Оваа поддршка може да ја искористат сите сточари кои имаат минимум 150 овци или минимум 50 кози. Максималната вредност на инвестицијата може да биде 600.000 денари од кои 50% - 75% ќе бидат ко-финансирани од страна на Агенцијата.
Со јавниот повик за набавка на опрема за произбодствон тутун ќе се поддржат производителите на тутун со запишани производни капацитети во единствениот регистар на земјоделски стопанства. Максималната поддршка е во висина од 4 и пол милиони денари кои ќе бидат ко-финансирани од Агенцијата во висина од 50% - 75%.
Сите заинтересирани апликанти можат да поднесат барање за финансиска поддршка преку системот за електронско аплицирање во Агенцијата, со прилог деловен план, понуди со детална техничка спецификација и решение од ЕРЗС системот за евидентирани производни капацитети, појасни директорот на АФПЗРР – Никица Бачовски на денешниот прес.
“Преку програмата за директни плаќања, програмата за рурален развој и интервентниот фонд, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги става на располагање сите програмски ресурси и човечки капацитети се со цел да се стимулира и оптимизира домашното земјоделско производство и производството на храна со македонско потекло. Нашата поддршка не познава ниту политички ниту верски разлики. Ова е време во кое треба да биде поддржан секој поединец кој сака да инвестира во земјоделскиот сектор. Затоа ја користам оваа прилика како добра можност да ги повикам сите потенцијални корисници да се запознаат со условите и критериумите на објавените мерки и да аплицираат за финансиска поддршка” – истакна Бачовски.