СООПШТЕНИЕ

 


Во тек е процедурата за исплата на средствата за договорите склучени по ИПАРД 2 програмата

Од денеска почна процедурата за исплата на пари за договорите кои се потпишани по последниот повик од ИПАРД 2 Програмата. До денеска, до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, се пристигнати 107 барања за исплата, од вкупно 684 договори кои беа склучени минатиот период, а се однесуваат за побарување на средства по Мерките 1 и 3 од ИПАРД 2 Програмата од последниот повик. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска го посетија земјоделско стопанство „Еуро Лозар“ во селото Лакавица, Штип од каде ја испратија пораката за бенефитот што домашниот агро – сектор го добива со средствата кои се нудат преку ИПАРД Програмата. Директорот Бабовски истакна дека:

„ Денешниот капацитет кој го посетивме има направено инвестиција за набавка на автоматска берачка за вишни, вредна 50 илјади евра, од нив половина од средствата, или 25 илјади евра ќе бидат вратени кај инвеститоторот. Со оваа нова машина, сопственикот на овој капацитет, освен што ќе заштеди на време во берба на овошјето, ќе се забрзат испораките или преработката на овошјата, со што полека, но, сигурно ќе се прилагоди на барањата на ЕУ стандардите. Секако, со оваа инвестиција од ИПАРД 2 програмата ќе останат и повеќе пари не само кај овој апликант, туку и кај сите производители и кај бизнис заедницата, кои имаат добиено средства од ИПАРД Програмите. “ – истакна директорот на АФПЗРР Николче Бабовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ги истакна придобивките од европските средства:

„Од Штип ја испраќаме пораката за искористување на европските средства и парите кои им стојат на располагање на земјоделците. Овде го видовме одличниот пример за набавка на автоматска берачка за вишни која чини 50.000 евра, а преку ИПАРД 2 се финансирани околу 50 % од трошоците. Од вкупно 684 склучени договори, 666 договори се за Мерката 1 односно Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства, за која што се побаруваат над 6,2 милиони евра. Останатите 29 договори се склучени за мерката 3 односно Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи, за која што побарувањата изнесуваат 6,1 милиони евра. Вкупно за двете Мерки се побаруваат околу 610 илјади евра - истакна министерот Николовски.
Директорот на АФПЗРР, додаде дека со помош на европските фондови и ИПАРД Програмата, се овозможува на домашните земјоделски стопанства и преработувачки капацитети да го зголемувааат откупот на земјоделските производи, да го зголемуваат сопственото производство, извозот, а од друга страна да ги намалат производните трошоци, а со тоа и да станат поконкурентни и на домашните и на странските пазар. Програмите како ИПАРД, полека, но, сигурно преку квалитетни производи ги отвора вратите на европските пазари, а со тоа се овозможува домашните претпријатија да отвораат нови работни места. Бабовски од Лакавица испрати и порака ди сите кои се занимаваат со земјоделство.
„Земјоделските стопанства и преработувачките капацитети, но и сите кои се заинтересирани да користат дел од ИПАРД средствата, во наредниот период да ја посетуваат веб страната на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, затоа што во наредниот период ќе објавиме нови Повици на кои и индивидуалните земјоделци и агрокомпаниите ќе можат да се аплицираат за финансиската поддршка за која се заинтересирани.“

Целта е, како што рече Бабовски да се искористат што поголем дел од средствата што Европската унија ни ги има дадено на располагање преку ИПАРД Програмата, што пак од друга страна ќе значи и зголемување на портфолиото на Мерки кои ќе бидат финансирани од ЕУ Фондовите и ќе им бидат достапни на македонските земјоделци и агробизнисмени, со што ќе се создаваат унапредени домашни капацитети.