Бачовски: Исплатени 199.4 милиони денари како дополнителна поддршка за 5851 лозаропроизводител

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес ја реализираше исплатата за дополнителните директни плаќања за произведено и предадено грозје во регистрирани капацитети за производство на вино во Република Северна Македонија.

Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои имаат површини под лозови насади и остварено производство на винско грозје од реколта 2022 година, кое е предадено во регистрирани капацитети за производство на вино во Република Северна Македонија или е преработено за потребите на сопствениот преработувачки капацитет регистриран за производство на вино во Република Северна Македонија. Висината на дополнителните директни плаќања изнесува 2 денари по килограм.

По административната обработка на барањата и утврдувањето на исполнетоста на критериумите од уредбата за поблиски критериуми, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања, Агенцијата изврши исплата спрема 5851 корисник на чии сметки се трансферирани 199.4 милиони денари.

,,Поддршката за лозаропроизводителите и производството на вино е врвен приоритет на Владата и институциите кои ги креираат и спроведуваат мерките за развој ан земјоделството. Ова е еден од секторите кој секоја година бележи раст на производството и што е најважно – раст на извозот на грозјето како основен производ но и виното како производ со додадена вредност по кој сме широко препознаени насекаде низ светот” -истакна директорот Никица Бачовски.

Поддршката за македонските лозаропроизводители во тековната 2023 година вклучувајќи ја и оваа исплата изнесува близу 800 милиони денари – директна поддршка односно државна субвенција за амортизирање на влезните трошоци во производството. Дополнително, лозарскиот и винарскиот сектор е корисник и на мерката за субвенционирано гориво за земјоделската механизација т.е зелена нафта како и програмите за рурален развој и мерките за млади земјоделци, рурални жени, набавка на трактори како и европската програма за земјоделство и рурален развој – ИПАРД 2.