Известување за тековното аплицирање за Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година

Ги потсетуваме земјоделските стопанства кои сеуште не поднеле барање по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година дека истото можат да го направат најдоцна до 1 јули.

Воедно укажуваме на одгледувачите на овци и кози кај кои не е завршен пописот на животните, веднаш да стапат во контакт со ветеринарните друштва со цел завршување на пописот најдоцна до 1 јули. Со новите податоци од пописот сточарите ќе можат да поднесат барања за реална бројна состојба на животните.

Во овој период се поднесуваат барања за:

- растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал,

- сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица,

- органско земјоделско производство.

Барањата се поднесуваат во електронскиот систем на Агенцијата од страна на земјоделското стопанство а доколку имаат потреба од помош можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.

Линкот за пристапување до апликацијата е:

www.ipardpa.gov.mk  - Директни плаќања е-субвенции.

Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.