ЈАВЕН ПОВИК број 01/2025 за ангажирање на стручни лица за утврдување на пазарни цени за понуди од ИПАРД Програмата

                                                                                                                   

Република Северна Македонија
АГЕНЦИЈА ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА
ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО И РУРАЛНИОТ РАЗВОЈ
 

                Согласно член 13 од Законот за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2007, 05/2009, 43/2014, 193/2015, 39/2016 и 164/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 190/2019), Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објавува

 
ЈАВЕН ПОВИК број 01/2025

за ангажирање на стручни лица за утврдување на пазарни цени за понуди од ИПАРД Програмата и тоа:

 
 
1.         Стручни лица од областа на градежништвото.
 
Покрај општите услови наведени во овој оглас, кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве посебни услови:
 
-          најмалку 300 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен од полето на градежништво или архитектура, 
-          во моментот на аплицирање да е активен во областа, 
-          најмалку пет години работно искуство во струката и
-          Овластување/Лиценца А или Б категорија за проектирање на градби и/или овластување/лиценца А или Б категорија за надзор на градба и/или овластување/лиценца А или Б категорија за изведувач на градби. 
 
2.         Стручни лица од областа на машинството.
 
Покрај општите услови наведени во овој оглас, кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве посебни услови: 
-          најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен од полето на машинство
-          во моментот на аплицирање да е активен во областа и
-          најмалку пет години работно искуство во областа
 
3.         Стручни лица од областа на електротехниката.
 
Покрај општите услови наведени во овој оглас, кандидатите треба да ги исполнуваат и следниве посебни услови:
 
-          најмалку 240 кредити стекнати според ЕКТС или завршен VII/1 степен од полето на електротехника,
-          во моментот на аплицирање да е активен во областа и 
-          најмалку пет години работно искуство во струката.
 
 
4.          Квалификувани проценувачи од областа на проценка на недвижен имот, машини и опрема.
 
Покрај општите услови наведени во овој оглас, кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни услови:
-          најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование,
-          Уверение за положен стручен испит за проценувач од следните области:
·         машини и опрема
·         недвижен имот
-          најмалку пет години работно искуство во областа на процена и
-          во моментот на аплицирање да е вработен кај овластен проценувач.
 
Секој од кандидатите, покрај наведените посебни услови, треба да ги исполнува и следните општи услови и тоа:
-          да е државјанин на Република Северна Македонија, 
-          активно да го користи македонскиот јазик,
-          да не е консултант на проект/проекти од тековни Јавни повици од ИПАРД Програмата и
-          со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.
 
Наведените општи и посебни услови во овој оглас, кандидатите треба да ги исполнуваат во моментот на пријавувањето.
 
Потенцијалните корисници на финансиска подршка за инвестиции предвидени со мерките од ИПАРД Програмата во прилог на барањето за користење на средства по објавен јавен повик, помеѓу останатите потребни документи, до АФПЗРР доставуваат и понуди од трети лица со детална техничка спецификација за производите (инвестицијата) за кои се бара финансиска поддршка. 
 
Во постапката на обработка на барањата и одобрување на корисниците на финасиска поддршка потребно е да се изврши истражување на пазарот и анализа на оправданост на трошоци за исти производи и услуги и нивната достапност на пазарот, при што ќе бидат земени во предвид информацииите од приложената документација (спецификите на предметот на набавка, рокот на плаќање, рокот на испорака, количините, гарантниот рок и сл.)
 
Поради тоа, АФПЗРР има потреба за ангажирање на стручни лица кои ќе го спроведат истражувањето и анализа на понудата на пазарот и да достават пазарни цени за исти производи и услуги.
 
Стручните лица се должни да ги евалуираат понудите од тековните огласи од ИПАРД Програмата и во рок од 20 дена од приемот на целокупната документација да достават извештај до Агенцијата со пазарни цени за наведените ставки од барањето. По потреба и во зависност од обемот на работата може да се определи дополнителен рок од 7 дена за поднесување извештај.
 
За извршената услуга и доставените пазарни цени на стручните лица им се плаќа хонорар:
-          за проекти со градежни/реконструктивни работи – 9.000,00 МКД нето износ (персоналниот данок на доход ќе биде исплатен од страна на Агенцијата) за одговор на доставено барање и целосен извештај.
-          за проекти кои предвидуваат набавка на опрема и машини - 8.000,00 МКД нето износ (персоналниот данок на доход ќе биде исплатен од страна на Агенцијата) за одговор на доставено барање и целосен извештај. 
 
Од пријавените кандидати за стручни лица кои ги исполнуваат наведените општи и посебни услови, ќе биде склучен договор со најмногу 15 стручни лица и тоа по редоследот на нивното пријавување на овој повик. Договорите ќе бидат со важност до 31.12.2025 година. По потпишувањето на договорот, ангажираните стручни лица ќе потпишат Изјава за доверливост и Изјава за согласност за комуникација по електронски пат.
Од стручните лица со кои ќе се склучи договор, 9 (девет) стручни лица ќе бидат ангажирани за утврдување на пазарни цени од областа на градежништвото, додека останатите ќе бидат ангажирани за другите области наведени во овој повик. Стручните лица ќе бидат ангажирани по потреба и тоа по редоследот на нивното пријавување на овој повик. Комуникацијата меѓу Агенцијата и стручните лица ќе се одвива исклучиво по електронски пат.
 
 
Потребни документи:
-          Пријава за стручни лица за евалуација на понуди и утврдување на пазарни цени од ИПАРД Програмата (образецот е поставен на интернет страната на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk во делот ИПАРД -  Евалуациона комисија – стручни лица),
-          Уверение за завршено образование (копија),
-          Уверенија и сертификати согласно посебните услови (копија), 
-          Уверение за работно искуство во областа – потврда од вработувач или потврда од Агенција за вработување (оригинал) издадена во временски период на траење на наведениот рок на огласот,
-          Потврда за работен однос (оригинал),
-          Уверение за државјанство (копија), 
-          Потврда од Централен регистар дека со правосилна судска пресуда не е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност (оригинал) издадена во временски период на траење на наведениот рок на огласот,
-          Кратка биографија и
-          Изјава за непристрасност дека кандидатот не дава консултантски услуги за проекти од тековните јавни повици од ИПАРД Програмата (образецот е поставен на интернет страната на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk во делот ИПАРД - Евалуациона комисија – стручни лица).
 
Документите е потребно да бидат скенирани и испратени на следната е-маил адреса strucni.lica@ipardpa.gov.mk.
Кандидатите со кои ќе биде склучен договор ќе биде потребно да ги достават наведените потребни документи во оригинал на денот на потпишување на договорот.
При поднесувањето на пријавата, апликантот треба да назначи за која област се пријавува за евалуација на понуди и утврдување на пазарни цени. Секој кандидат може да се пријави за повеќе области доколку ги исполнува наведените критериуми. 
 
Рокот за поднесување на документи изнесува 15 дена од денот на објавувањето на овој оглас.
 
Доставените документи ќе бидат разгледани од страна на Kомисија на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Само со кандидатите кои ги исполнуваат сите потребни услови ќе биде склучен договор. 
 
Комуникацијата со кандидатите ќе се одвива исклучиво преку е-маил, поради што e неопходно документите потребни за пријавување да бидат испратени од е-маил адреса што редовно се проверува.
 
Повеќе информации за дејноста на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој може да се најдат на www.ipardpa.gov.mk
 
Лице за контакт: 
Жарко Коцевски
е-пошта: strucni.lica@ipardpa.gov.mk
Тел. +389 2 2445 873