Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги известува производителите на пченица, јачмен и ориз кои домашното производство на пченица и јачмен од реколта 2024 година и домашното производство на пченица, јачмен и ориз од реколта 2025 година го имаат складирано кај регистриран складиштар дека е во тек поднесување на барањe за мерка 7 „Финансиска поддршка за складирање на пченица и јачмен од домашно производство од род 2024 година и за складирање на пченица, јачмен и ориз од домашно производство од род 2025 година“ од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2025 година.
Корисници за складирана пченица и јачмен во 2024 се земјоделски стопанства кои имаат пријавена површина со пченица и јачмен согласно подмерката 1.1. во 2024 година и производството го имаат предадено на складиштење кај складиштарите во период од 15 јуни до 15 септември 2024 година.
Корисници за складирана пченица, јачмен и ориз во 2025 се земјоделски стопанства кои имаат пријавена површина со пченица, јачмен и ориз согласно подмерката 1.1. во 2025 година и производството го имаат предадено на складиштење кај складиштарите во период од 15 јуни до 15 септември 2025 година за пченица и јачмен и во период од 15 септември до 25 декември 2025 година за ориз.
Финансиска поддршка не следува на земјоделските стопанства кои произведуваат пченица, јачмен и ориз и складираат за сопствени потреби.
Периодот на складирање треба да е најмалку 2 а најмногу 9 месеци.
Прифатливи количини: Максимум складирани 5.000 тони по земјоделско стопанство одделно за пченица, јачмен и ориз во форма на оризова арпа за остварени приноси најмногу до пет тони по хектар за пченица и јачмен и осум тони по хектар за ориз во форма на оризова арпа од пријавените земјишни капацитети од барањето за директни плаќање.
Висина на поддршка: 100% од трошоците за складирање и чување, со максимална прифатлива цена на услугата за складирање до 120 денари по тон за еден месец со вклучен ДДВ.
Барање за финансиска поддршка поднесува земјоделското стопанство на рачно пополнет образец, директно до Агенцијата на следната адреса: Ул. 3-та Македонска Бригада бр. 20 (зграда на Македонија Табак Блок Ц) Скопје, Република Северна Македонија.
Крајниот рок за поднесување на барања за финансиска поддршка за мерката 7 за пченица и јачмен од реколта 2024 и 2025 година е 30 септември 2025 година, а за ориз од реколта 2025 година е 25 декември 2025 година;
Во прилог на барањето се доставува: Договор за складирање заверен на нотар и Потврда за извршено складирање.
Складиштарот до Агенцијата ги доставува следните податоци: име и презиме/назив на корисникот, ЕМБГ/ЕДБ на корисникот, ИДБР на земјоделското стопанство, состојба на залихите за секој корисник на финансиска поддршка за складирање на земјоделски производи одделно и единечна цена на извршената услуга за складирање.
За складирана пченица и јачмен во 2024 година складиштарот ги доставува податоците до Агенцијата до 15 август 2025 година.
За складирана пченица и јачмен во 2025 година складиштарот ги доставува податоците до Агенцијата до 30 јуни 2026 година а за складираниот ориз до 15 октомври 2026 година.
Средствата се исплаќаат директно на складиштарот во име и за сметка на барателот.
* Образецот за поднесување на барање, Потврдата и Образецот за достава на податоци од страна на складиштарот се објавени на веб страната на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk, во делот Директни плаќања 2025, Обрасци