Одбележан Меѓународниот ден на руралните жени – Признавање на улогата на жените во руралниот развој

 По повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на руралните жени, во Дојран се одржа настан организиран од Националната федерација на фармери (НФФ), под мотото „Признание за невидливите потпори во развојот на земјоделството и руралните заедници“. Настанот беше поддржан од Шведска и развојната организација We Effect, а на него присуствуваа жени-земјоделки од сите делови на државата, претставници на институции, здруженија и други организации кои работат на прашања поврзани со руралниот развој и родовата еднаквост.

Во рамки на панел-дискусијата, говореше и Дарко Тишовски, Раководител во Секторот за одобрување на проекти во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, кој ги претстави мерките и политиките кои ги спроведува Агенцијата за поддршка на жените во руралните средини.

Како што беше истакнато, во изминатиот период се спроведоа значајни олеснувања во критериумите за користење на средствата од  Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, со цел да се зголеми пристапноста за жените баратели. Резултатите се веќе видливи – сѐ поголем број жени се охрабрени да аплицираат на јавните повици и активно да учествуваат во креирањето на економскиот живот во руралните заедници.

Покрај тоа, од страна на Агенцијата беа презентирани и податоци за искористеноста на средствата во делот на директните плаќања, мерките од Програмата за финансиска поддршка во руралниот развој, како и ИПАРД Програмата, каде учеството на жените земјоделки бележи позитивен тренд.

На настанот беше истакнато дека јакнењето на руралните жени претставува клучен фактор за обезбедување одржлив земјоделски сектор, стабилна прехранбена безбедност, климатска отпорност и социјална правичност. Руралните жени се сѐ поактивен чинител во процесите на донесување одлуки, развој на локалните заедници и економско зајакнување на руралните средини.