Претставници на Агенцијата учествуваа на меѓународна TAIEX работилница за имплементација на ИПАРД програмите

Во периодот од 15 до 16 октомври 2025 година, во Брисел, Кралството Белгија, се одржа TAIEX работилница на тема „Имплементација на ИПАРД програмите“, организирана во соработка со Директоратот за земјоделство и рурален развој при Европската комисија (DG AGRI).

 
На работилницата учествуваа претставници од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија, Турција и Украина, со цел размена на искуства и добри практики меѓу земјите-кориснички на ИПАРД програмите и земјите-членки на Европската унија.
 
Фокусот на работилницата беше насочен кон подобрување на процесите за планирање, управување и мониторинг на ИПАРД програмите, како и споделување на успешни модели за спроведување на јавни повици, критериуми за избор на проекти, финансиска контрола, видливост на ЕУ поддршката и верификација на проекти на терен.
 
Претставниците на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој активно учествуваа во дискусиите и групните сесии, при што беа презентирани и националните искуства во имплементацијата на ИПАРД II Програмата и тековните подготовки за ИПАРД III.
 
Во рамки на работилницата, директорот на Агенцијата, Илија Стоилов, оствари билатерални средби со директорите на ИПАРД агенциите на Турција, Србија и Црна Гора, на кои беше разговарано за унапредување на меѓусебната соработка, размена на искуства и можности за заеднички активности во насока на поефикасна имплементација на ИПАРД програмите.
 
Работилницата претставува значаен придонес кон унапредување на институционалните капацитети и понатамошно подобрување на ефективноста во спроведувањето на европските фондови за рурален развој.