Известување за поднесување на барања за дополнителни директни плаќања за 2025 година

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги известува земјоделските стопанства дека до 25 декември 2025 година ќе можат да поднесат барања за дополнителни директни плаќања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2025 година.

Во овој период се поднесуваат барања за следните подмерки:

1. Подмерка 1.2 „Дополнителни директни плаќања од подмерката 1.1. за остварено производство на пченица, јачмен, сончоглед, маслодајна репка и афион“

Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои произведената пченица и јачмен ја имаат продадено или складирано кај  регистриран откупувач вклучително и количините произведени за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, продадено на регистриран одгледувач на добиток или го користеле за сопствени потреби за исхрана на добиток.

Корисници на оваа подмерка се и земјоделски стопанства кои произведената афионова чушка ја имаат продадено во регистриран откупувач запишан во Регистарот на откупувачи на афион за производство на опојни дроги.

Корисници на оваа подмерка се и земјоделски стопанства кои произведениот сончоглед и маслодајна репка ги имаат продадено во регистриран преработувачки капацитет.

Висината на дополнителните директни плаќања за пченица, јачмен, сончоглед и маслодајна репка изнесува 6.000 денари по хектар и за афионова чушка изнесува 18.000 денари по хектар.

2. Подмерка 1.5 „Дополнителни директни плаќања од подмерката 1.3. за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети“

Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои произведените градинарски култури ги предале во преработувачки капацитет за зеленчук директно или преку еден регистриран откупувач во период од 26 декември 2024 до 25 декември 2025 година.

Висината на директните плаќања изнесува 3 денари по килограм за сите градинарски култури освен за пиперката од сорта куртовска капија каде висината на директните плаќања изнесува 4 денари односно 5 денари по килограм за предадените количини во период мај-јуни 2025 година и ноември-декември 2025 година.

3. Подмерка 1.7 „Дополнителни директни плаќања од подмерката 1.6. за овошје предадено во преработувачки капацитети или кај регистрирани откупувачи“

Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои произведените праски, вишни, малини, капини, аронија, гоџи бери, кајсии, јагоди, калинки и лешник ги предале во преработувачки капацитет за овошје директно или преку еден регистриран откупувач во период од 26 декември 2024 до 25 декември 2025 година, освен за лешник каде периодот е од 15.09.2024 до 31.03.2025 година.

Корисници на оваа подмерка се и земјоделски стопанства кои произведеното јаболко го предале во преработувачки капацитет или кај регистриран откупувач директно или преку еден регистриран откупувач за период од 15 август 2024 година до 30 јуни 2025 година.

Висината на поддршката изнесува 3 денари по килограм за сите овошни култури освен за малина и лешник каде поддршката изнесува 5 денари по килограм и за јаболка каде поддршката изнесува 2 денари по килограм.

 4. Подмерка 2.15 „Дополнителни директни плаќања од подмерката 2.14 за пчелни семејства вклучени во селекција за производство на пчелни матици“

Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства запишани во Регистарот на одгледувалишта на пчели и се регистрирани одгледувалишта на пчелни матици во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство или се земјоделски стопанства членови на регистрирано одгледувалиште на пчелни матици.

Висината на директните плаќања изнесува 2.000 денари по пчелно семејство кое е во контрола и е вклучено во селекција за производство на пчелни матици. 

5. Подмерка 2.16 „Директни плаќања за лабораториска анализа на физички и хемиски својства на мед“

Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства запишани во Регистарот на одгледувалишта на пчели, поседуваат минимум 10 регистрирани презимени пчелни семејства и во 2025 година имаа направено лабораториска анализа на физички и хемиски својства на мед.

Барањата се поднесуваат во електронскиот систем на Агенцијата од страна на земјоделското стопанство а доколку имаат потреба од помош можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.

Линкот за пристапување до апликацијата е: www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции.

Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.