Поттикнати од објавите кои во последно време се шират по социјалните мрежи а се однесуваат на критериумите за доделување на субвенции за тутун, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралнит развој го дава следното:
ОБЈАСНУВАЊЕ НА КРИТЕРИУМИТЕ
Во Програмата и Уредбата за директни плаќања за 2026 година утврдени се две мерки за поддршка на производството на тутун и тоа:
1.Подмерка 1.1. „Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за поледелски култури“ каде што за корисници се утврдени земјоделски стопанства кои во 2026 година имаат засадено површини под тутун и оствареното производство го имаат договорено и предадено на регистрирани откупувачи на тутун. Плаќањата се по површина и изнесуваат 6.000 денари по хектар. За оваа подмерка задолжително е евидентирање на површините во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) и Системот за идентификација на земјоделските парцели (СИЗП). Исплата не се врши по оваа подмерка за парцелите кои не се евидентирани во овие системи.
2.Подмерка 3.1. „Директни плаќања за договорен и продаден ориентален ароматичен необработен тутун од реколта 2025 година“ каде што за корисници се утврдени земјоделски стопанства кои своето производство на тутун од реколта 2025 година го договориле и продале согласно закон во регистрирани откупувачи на тутун. Плаќањата се по количина и изнесуваат од 60 до 80 денари по килограм во зависност од класата на тутунот. Исплата се врши за количините кои се внесени во електронскиот систем од страна на откупувачите. Исплатата по оваа подмерка не е условена со исплата по подмерката 1.1. што практично би значело дека за исплата на субвенциите по количина НЕ е услов барателот да поднел барање за мерката по површина.
Агенцијата и понатаму ќе ги следи реакциите на земјоделците и ќе објавува објаснувања кога ќе биде потребно.
За сите информации во врска со доделување на финансиската поддршка во земјоделството и руралниот развој следете ја веб страната на Агенцијата: www.iprdpa.gov.mk