Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги известува производителите на пченица и јачмен кои производството од реколта 2026 година го имаат складирано кај регистриран складиштар дека е во тек поднесување на барања за мерка 5 „Мерка за поддршка за складирање на пченица, јачмен и ориз од домашно производство од род 2026 година“.
Корисници се земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање за директни плаќања за засеана површина со пченица или јачмен во 2026 година и оствареното производство да е предадено на складиштење кај регистриран складиштар во период од 15 јуни до 15 септември 2026 година.
Прифатлив период на складирање е најмалку 2 а најмногу 9 месеци.
Прифатливи количини се максимум складирани 5.000 тони по земјоделско стопанство одделно за пченица и за јачмен; максимум прифатлива количина 5 тони по хектар пријавена површина со соодветната култура.
Висина на поддршка е 100% од трошоците за складирање и чување, со максимум прифатлива цена на услугата од 120 денари по тон за еден месец.
Средствата се исплаќаат на сметка на складиштарот во име и за сметка на барателот.
Барањата се поднесуваат во електронска форма со најава во системот преку линкот „Директни плаќања е-субвенции“ од веб страната на Агенцијата „https://www.ipardpa.gov.mk/“.
Поднесеното барање потребно е да се испечати, потпише и да се достави во писмена форма до Агенцијата преку пошта или директно до архивата на Агенцијата.
Во прилог на барањето се доставува: Договор за складирање и Потврда за извршено складирање.
Краен рок за поднесување на барање за пченица и јачмен е 30 септември 2026 година.
Агенцијата дополнително ќе ги извести оризопроизводителите за условите и почетокот на аплициањето за складирање на оризова арпа, за која краен рок за поднесување на барање е 25 декември 2026 година.