Директорката Даниела Иротова Лазарева, на терен во ненајавени контроли со кoнтролорите од Сектор контрола

Директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова Лазарева, во текот на неделава се вклучи и спроведе повеќе заеднички теренски контроли, со контролорите од Секторот за контрола при Агенцијата.

Во рамки на најавените и ненајавените контроли беа посетени физички и правни лица – корисници на финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Дел од субјектите беа избрани по случаен избор, со цел директорката непосредно на терен да ја провери фактичката состојба и да ја спореди со податоците, записниците и наодите што се доставуваат до Агенцијата.

Целта на директното вклучување на директорката во контролите е проверка на функционирањето на системот на контрола на терен – од начинот на кој се спроведуваат контролите, до точноста на податоците врз основа на кои се одобрува и исплаќа финансиската поддршка.

Контролите се спроведуваат генерално од страна на контролорите од Секторот за контрола на Агенцијата, а кога е потребно се вклучуваат и претставници од други надлежни институции од земјоделскиот сектор.

Посебен акцент е ставен на точноста на пријавените површини, култури, бројот на грла и пријавените количини, како и на тоа дали фактичката состојба на терен одговара на податоците врз основа на кои се бара финансиска поддршка.

„Сакам лично на терен да видам како се спроведуваат контролите од страна на вработените во секторот контрола и дали состојбата што ја добиваме во извештаите и записниците одговара на реалната состојба. Нашата цел не е да ги казнуваме земјоделците кои чесно произведуваат, туку да ги заштитиме нив и средствата наменети за нив. Финансиската поддршка мора да стигне до оние кои навистина произведуваат и ги исполнуваат условите“, истакна директорката Иротова Лазарева.

Во наредниот период ваквите директорски суперконтроли на терен ќе продолжат, паралелно со редовните контроли што ги спроведува Секторот за контрола.

Агенцијата дополнително го зајакнува системот и преку сателитско следење на земјоделските површини, со што може да се проверуваат пријавените податоци и состојбата на парцелите во различни временски периоди.

Од страна на секторот контрола на терен, во текот 2025 година, извршени се вкупно 10 462 контроли на самото место по сите програми  при што, проверени билр 16 019 барања за финансиска поддршка.

Од почетокот на годинава до 31.08.2026 година  извршени се 938 контроли на самото место, по сите програми, при што, проверени се 4642 барања за финансиска поддршка.

Пораката е јасна: контрола на терен, еднакви правила за сите.