Бачовски: Започна доделувањето на финансиска поддршка за набавка на трактори

Денеска во Битола директорот на АФПЗРР Бачовски заедно со министерот Николовски свечено ги доделија првите решенија за финансиска поддршка за набавка на трактори.

Станува збор за поддршка по принцип на ко - финансирање на инвестицијата во висина од 50 - 75% од вкупната вредност.

На настанот на кој присуствуваа земјоделци и претставници на домашните добавувачи на земјоделска механизација директорот Бачовски информираше за спроведената постапка по однос на мерката.

,,Преку овој настан го одбележуваме почетокот на доделување на финансиската поддршка во вид на решенија за 730 земјоделци. За оваа поддршка беа обезбедени 500 милиони денари од програмата за рурален развој. Агенцијата во изминатиот период активно работеше на спроведување на програмите за директни плаќања и исплата на субвенциите, реализацијата на интервентниот фонд како и на подготовките за новиот ИПАРД 3 програмски период кој доаѓа како нова можност за модернизација на земјоделските стопанства, преработувачките капацитети и руралните средини’’ - истакна Бачовски.

Во своето обраќање директорот информираше и за следните активности на Агенцијата во кои се предвидени исплатата на премијата за произведено и предадено млеко како и директните плаќања за користен сертифициран семенски материјал.