Финансиска поддршка за остварено и продадено производство на пченица

 Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес изврши исплата кон 3.420 лица со вкупен износ 139.965.962,00 денари за мерката 1.3 Финансиска поддршка за остварено и продадено производство на пченица од Програмата за изменување и дополнување на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството за 2024 година.

Корисници се земјоделски стопанства кои претходно имаат поднесено барање за директни плаќања по обработлива земјоделска површина со поледелски култури – пченица (барање за субвенции за засеани и ожнеани површини со пченица, подмерка 1.1) и оствареното производство го имаат продадено кај регистриран откупувач во период од 15 јуни до 5 септември 2024 година.

Исто така корисници се и земјоделски стопанства кои произведената пченица ја користат за потребите на сопствениот преработувачки капацитет запишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.

Висината на финансиската поддршка изнесува 3 денари по килограм.

Исплатата се изврши за количини кои не надминуваат 4.000 кг по пријавен хектар.

Исплатата се изврши без поднесено барање од страна на земјоделското стопанство. Податоците за продадената пченица Агенцијата ги обезбеди преку Државниот инспекторат за земјоделство.