Продолжува процесот за успешно поднесување на барања за субвенции

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во изминатиот период, работеше на стабилизација на надграденото електронско решение за поднесување на барањата за субвенции, со цел да обезбеди сигурен, ефикасен и транспарентен процес за сите корисници.

По техничките проблеми кои настаа по стартување на системот за аплицирање, сакаме да Ве известиме дека, превземените мерки дадоа резултат и процесот е целосно обезбеден, успешно е направен бекап и нема загуба на податоци. Апликацијата за субвенции е повторно ставена на располагање на земјоделците, функционална во целост и работи стабилно.

Истовремено, во тек се и активности за ажурирање и усогласување на податоците во релевантните регистри, вклучително и податоците поврзани со идентификацијата и евиденцијата на животните. За нас е исклучително важно процесот да продолжи со целосни и точни податоци, со што ќе се избегнат дополнителни корекции и административни оптоварувања за самите земјоделци.

Сакаме дополнително да ве информираме дека, Агенцијата веќе ги обезбеди сателитските снимки за целата територија на Република Македонија и располага со современи алатки за мониторинг на земјоделските површини. Овие алатки овозможуваат значително подобра подготовка, целосен увид и проверка на податоците пред отпочнувањето на процесот на аплицирање и во тек на самиот процес на поднесување на барањата.

Како институција, партнер на земјоделците, сакаме јасно порачаме дека нема причина за загриженост. На ниту еден земјоделец нема да му биде ускратено правото да аплицира за субвенции по Програмата за директни плаќања за 2026 година. Ќе биде обезбеден соодветен рок за поднесување на барањата, за што јавноста ќе биде навремено и соодветно информирана преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и преку средствата за јавно информирање.