
Со средства од Програмата за рурален развој се изгради патот Волково – Прилепец – манастир „Св.Никола“
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Николче Бабовски, денеска извршија увид на новоизградениот пат кој од село Волково, преку населеното место Прилепец води до манастирот „Св.Никола“.
Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, рече дека проектите кои денеска ги промовираат, се направени со средства од мерките и програмата за рурален развој кои ги имплементира Агенцијата, со единствена цел да се подобрат условите за живот и престој во руралните средини.
Општина Прилеп преку Агенцијата има добиено три проекти, а заедно со тој од Пелагонискиот плански регион, четири. Целата финасиска конструкција изнесува 710 илјади евра, со 100% финансиско учество на Агенцијата, додека Општината го плаќа ДДВ-то. Преку овие проекти, но и преку останатите 200 проекти кои што се реализираат преку оваа Програма во висина од 38 милиони евра, Владата покажува дека се грижи за создавање еднакви услови за живот, престој и развој на мали бизниси на територијата на цела држава, односно се грижиме за рамномерен регионален развој. Бидејќи во овие предели, самата природа покажува дека можностите кои што ги нуди Прилеп и овој дел од општината, се на високо ниво. Ова нека биде предизвик за сите млади луѓе да останат во државата и тука, на своите огништа, да започнуваат свои бизниси“, потенцираше Бабовски.
Градоначалникот Јованоски истакна дека станува збор за пат во должина од 5.5 километри, кој е дел од трите проекти со кои Општина Прилеп аплицираше во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Сите три проекти со кои аплициравме вредат 60 милиони денари, односно еден милион евра, средства кои Агенцијата и’ ги додели на нашата општина. Сакам да упатам порака до граѓаните, дека во изминатите три месеци Општина Прилеп направи патна инфраструктура во должина од 25 километри. Од нив, 10 километри се реконструкција и рехабилитација на улиците во градот, а 15 километри во населените места во општина Прилеп. Овој пат од Волково преку Прилепец до манастирот ‘Св.Никола’ е долг околу 5.5 км. Завчера започна рехабилитацијата на регионалниот пат од Кадино село до Галичани, а изградивме патна инфраструктура и во населените места Големо и Мало Коњари, Галичани, Алинци, Лагово, Канатларци и Тополчани, со што го заокруживме пролетниот дел од градежната офанзива која ја имаше Општина Прилеп. Уште еднаш сакам да упатам благодарност до Министерството за транспорт и врски и до АФПЗРР“, изјави градоначалникот Јованоски.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека посветеноста на Владата во делот на реализација на капиталните инвестиции, е на високо ниво, а сите започнати проекти и покрај здравствената криза со која сме соочени, ќе бидат целосно завршени во периодот на тековната градежна сезона.
„Сакам да го поздравам овој извонреден проект, кој е направен од страна на Општината со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој. Се надевам дека во понатамошниот период, ќе се реализираат уште многу вакви проекти. Кога го гледаме Прилеп и Прилепскиот регион, можеме да видиме дека станува збор за една голема градежна офанзива која се случува во моментот. Ќе напоменам само дека покрај овие проекти кои се во тек, завршени се и голем број на регионални патишта, како што е патот од Прилеп до вештачкото езеро, патот Прилеп – Тополчани – Битола, а интензивно се работи и на патот од Лагово до Витолиште во мариовскиот дел, за кој очекувам да биде завршен и целосно асфалтиран во текот на овој месец. Истовремено, завршуваат градежните работи на патот од Фариш до Дреново, а во текот на овој месец најверојатно ќе биде распишан и тендерот за продолжување на градежните активности на експресниот пат на истиот тој потег“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Сугарески, напомена и дека преку Мерките кои се спроведуваат со Програмата за рурален развој, се овозможуваат услови за рамномерен регионален развој што се основа за младите да остануваат во своите родни огништа и да создаваат семејства но и да отвораат бизниси.